📽️ ПЕТ ЛАЖНИ ПОЛИЦАЈЦИ КИДНАПИРАЛЕ БИВШ ОСУДЕНИК Го грабнале насилно, па го оставиле претепан на автопат

Инцидентот се случил во близина на Виланова дел Валес, а снимките од насилното грабнување брзо се прошириле на социјалните мрежи.

0

Возачи на автопат во близина на каталонското место Виланова дел Валес биле сведоци на несекојдневна сцена – група маскирани мажи во црна облека пресретнала автомобил, го извлекла возачот и го одвлекла во друго возило.

Инцидентот се случил во саботата, а петтемина напаѓачи при пресретнувањето се претставиле како полицајци. Носеле елеци со полициски ознаки, а на снимките што се појавија на социјалните мрежи се гледа дека дел од нив биле вооружени.






Наместо полициска контрола, ситуацијата брзо се претворила во насилство. Мажот бил извлечен од автомобилот и, според снимките, бил физички нападнат. На едно од видеата се гледа како крвав и полугол лежи на асфалтот, додека напаѓачите го влечат и го внесуваат во друг автомобил.

Сцената ја набљудувале повеќе возачи кои веднаш се посомневале дека не станува збор за вистинска полициска интервенција. Тие пријавиле во службата за итни случаи на бројот 112 и ги известиле надлежните за насилниот инцидент.

 

Каталонската полиција го презела случајот и започнала истрага. Мажот, кој бил ослободен неколку часа по грабнувањето, бил пронајден со сериозни повреди, но според досегашните информации не бил во животна опасност.

Случајот дополнително го привлекол вниманието на истражителите по информацијата дека жртвата неодамна излегла од затвор. Полицијата сега се обидува да утврди што точно стои зад нападот и зошто токму тој бил цел на групата.

Една од главните истражни верзии е дека насилството може да има врска со пресметка во криминалниот свет и трговија со дрога. Сепак, оваа верзија засега не е официјално потврдена.

Нема информации дека напаѓачите барале откуп, поради што истрагата случајот го насочува кон незаконско лишување од слобода, а не кон класично киднапирање за откуп. Освен за грабнувањето, истражителите работат и на утврдување на одговорноста за лажно претставување како полицајци.

Полицијата продолжува да трага по петтемина напаѓачи и да ги утврдува сите околности околу инцидентот.

Поврзани содржини