ПЕТ АКТИВНИ ЖАРИШТА НИЗ МАКЕДОНИЈА Алармантна состојба кај Прилеп

Центарот за управување со кризи соопшти дека до 18 часот се евидентирани 15 пожари на отворен простор, од кои пет сè уште се активни, а најкритична е состојбата кај Прилеп.

0

До 18 часот денеска во државата се регистрирани вкупно 15 пожари на отворен простор, од кои пет се сè уште активни, а десет се изгаснати, информираат попладнево од Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Активни се пожарите во Општина Василево, помеѓу селата Доброшинци и Василево, каде гори сува трева, стрништа и дива депонија, во Општина Кичево, во атарот на селото Зајас, каде е зафатено стрниште, како и во Општина Кавадарци, помеѓу селата Раец и Ќесендре, каде гори нискостеблеста шума и сува трева.






Активен е и пожарот во селото Теарце, Општина Теарце, каде се зафатени нива, стрништа и сува трева, како и пожарот во месноста Тризла Теке кај Прилеп, каде гори депонија. Според ЦУК, пожарот кај Прилеп се шири во три правци – кон Маркови Кули, кон превојот кај црквата „Богородица“ и кон Три Багреми.

Во меѓувреме, изгаснати се десет пожари на повеќе локации низ државата, меѓу кои во општините Бутел, Шуто Оризари, Битола, Велес, Брвеница, Куманово, Старо Нагоричане, Липково и Македонски Брод.

Од Центарот за управување со кризи апелираат до граѓаните да бидат внимателни и одговорно да се однесуваат при движење и престој на отворено, со цел да се спречи појава на нови пожари.

Поврзани содржини