ПАЛЕВСКИ ТВРДИ ДЕКА МЕЃУ МАНЕВ И ЖЕЖОВСКИ 10 ГОДИНИ ИМАЛО ОМРАЗА Палчо тврди дека не го познавал велешанецот Панче
Палевски обвини за фалсификат и дека Обвинителството напишало обвинение според лажна изјава на Османи со која се негира неговото тврдење за 22 ноември, зашто вештачењето на неговиот телефон било направено по неговата екстрадиција од Турција.
Првообвинетиот за убиствата на Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски, Љупчо Палевски денеска во судот објаснуваше дека има алиби за 22 ноември 2023 година, дента кога според обвинението бил убиен велешанецот Жежовски. На овој ден, тој вели дека го поправал котелот на Ерол Османи во Бутел. Османи во своето сведочење тврдеше дека Палевски му го поправал котелот на 28 ноември 2023 година.
Палевски денеска продолжи да одговара на прашања од неговиот адвокат Јовица Страшевски.
Тој рече дека не е точно дека му поправал котел на Ерол Османи на 28.11.2023, туку рече дека го поправал котелот на 22.11.2023. Палевски го обвини Јавното обвинителство за влијание врз сведоци.
– Имам докази дека Ерол Османи не ја говорел вистината. На 28.11.2023 е невозможно да сум физички присутен во Бутел, каде се наоѓа куќата на Ерол Османи – рече Палевски.
Тој рече дека изготвил анализа од вештачењето на неговиот телефон „ајфон 13“, од апликацијата Телеграм и од неа цитираше неколку податоци.
Според Палевски, тој на 28 ноември, во 8 часот, кога Османи тврди дека му правел сервис, примил порака од Зоран Китевски од Сиднеј. Во 10 часот порака од Зоран, „Ќе имаме ли поткаст?“, потоа порака „Изгледа ќе сме сами јас и ти“. Потоа во 10.03 Палевски вели дека му ѕвонел на Зоран Китевски и се договарале за поткастот и потоа во 10.05 му испратил линк од платформата Рестрим. Тој рече дека поткастот „Лице, ум“ во живо почнува во 10.30 и трае до 12.30 часот. За време на поткастот, во 10.38 палевски рече дека примил уште една порака на Телеграм од бившиот пратеник Јордан Бошков. По една минута тој му пратил порака „во живо сум, поткаст“, а во 10.39 добил порака од Бошков „Добро, на пат сум во Германија седми ден“.
– Во исказот Ерол Османи вели дека во 11.42 часот сум му пратил порака дека сум подобар и дека ќе дојдам кај него. Потоа, тврди дека за 30 до максимум 40 минути сум бил кај него дома во Бутел, додека трае поткастот. Јас сум патувал со „фиат добло“, бело, кон Бутел. На прашање на одбраната истиот сведок во судот изјави дека сервисот траел 40 до 60 минути. Но, проблемот на сведокот, дека не говори вистина, е следната порака од Јордан Бошков. Додека возам, според сведокот Ерол, кон Бутел, во 11.44 ми пратил порака „Палчо, твојот глас послабо се слуша од гласот на Зоран“. Во 10.38 сум добил порака од ќерка ми „тато, ќе можеш да дојдеш денес во 1 пред Алкалоид?“. Во 12.55 се движам со „фиат добло“ кон „Алкалоид“ во Автокоманда, праќам порака „Доцнам 5 минути“, ќерка ми одговара во 12.56 „Нема гајле“, а во 12.57 уште една порака „Само пиши ми кога ќе бидеш доле“. Сите овие пораки се дел од вештачењето на мојот „ајфон 13“. Вообичаено работното време на ќерка ми е до 15.30, но во овој случај ја однесов до Агенцијата за храна и лекови, ја почекав 20 минути да предаде документација од „Алкалоид“, по што ја однесов во куќата во Центар, каде што живее – рече Палевски.
Тој додаде дека после тоа се вратил во штабот каде почнал со подготовки за вториот поткаст кој се емитувал од 21 часот истиот ден.
– Физички е невозможно јас на 28.11 да бидам во Бутел и да поправам котел еден час, иако тврдам дека сервисот траеше повеќе од два часа. Се работи за склоп од 10 запчаници, редуктор, кој беше блокиран и морав целиот да го отворам и да ги прередам запчаниците. Се работи за стар редуктор и морав два пати да го отворам. И затоа изгубив повеќе од 2 часа. Но, тоа го направив во вторникот, во критичниот ден, на 22.11.2023 годона, а кажав критичен ден, затоа што ни МВР, ни ОЈО, но Судот утврди кога е убиен Панче Жежовски – рече Палевски.
Тој вели дека во извештајот од Телеком, кој е на 120 страници, недостасуваат базни станици само на два листа.
– На листот кој покажува базни станици на 22.11.2023, од 13 часот, па сѐ до 16.38 часот, постои телефонски разговор со извесна Мери Минчевска кој траел 7 минути. Но во извештајот тој разговор е разделен на 7 идентични разговори од по 60 секунди, а во ниедно поле, сѐ до 16.30 часот не постои базна станица. Госпоѓата Минчевска ја пронајдов во друга табела од Телеком, каде постои базна станица, но нема базна станица за мојот телефон 071491130. Истото го направив и за 28 ноември, за кога Ерол лажно тврди дека сум бил во Бутел. Но ова јас не можев претходно да го кажам, ниту да го изведам овој доказ. Со ова се докажува физичката невозможност да бидам во Бутел, како што тврди Османи – рече Палевски.
Тој рече дека ги проверил сите 120 страници од извештајот на Телеком, од ноември 2023 до почетокот на 2024 година, и дека не бил регистриран од базни станици во Бутел, па според Телеком излегувало дека тој не бил во Бутел ни на 22 ни на 28 ноември.
Палевски обвини за фалсификат и дека Обвинителството напишало обвинение според лажна изјава на Османи со која се негира неговото тврдење за 22 ноември, зашто вештачењето на неговиот телефон било направено по неговата екстрадиција од Турција.
– Го познававте ли Панче Жежовски? – праша адвокатот Страшевски.
– Не. Не знаев дека постои тој човек. Никогаш не сум имал ни директна ни индиректна комуникација со Жежовски. Но сакам да кажам дека неточни се објаснувањата на Велибор Манев за личноста на Жежовски и за нивните односи. Постои повеќе од кавга за бекатон коцки. Единственото нешто што е одземено од куќата на Панче се списите, односно доказот број 103, во кои постои кривична пријава од Панче кон Велибор, поплаки кон СВР Велес и 3 претставки до Советот на јавни обвинители, до Коле Штерјов. Во тие претставки точно е опишано што се случувало. Кривичната пријава ја отфрлила Славица Темелковски, обвинител од ОЈО Велес, а во претставките, на кои одговара претседателот Штерјов, Пенче Жежовски тврди дека Велибор Манев бил под заштита на ПЈО Велес. Овие списи покажуваат дека Панче Жежовски 10 години се занимавал со Велибор Манев. Тоа се 10 години нетрпение и омраза меѓу Манев и Жежовски. Овој доказ воопшто не е изведен, туку е само прочитан наслов, записник за одземен предмет, подигнат од куќата на Жежовски. Од овој доказ, освен нарушените односи на Велибор и Панче, се гледа дека на место на увид излегла обвинителка Славица Темелковски и ја водела истрагата сѐ до 6.12.2023 година, кога со пропратно писмо ги доставила сите акти до надлежното ОЈО Скопје. Таа е истата обвинителка која била усно известена од виш инспектор Стојан Кујунџиевски дека недостасува пиштолот „зброевка 75“, за кој не била заинтересирана, а раководи со предистрага за двојно убиство. Истата обвинителка, на 4.12.2023 кога е издадена потврдата за привремено одземени предмети, на 6.12.2023 госпоѓата Темелковски, која е во директен конфликт со Панче Жежовски, случајно заборавила да ја предаде потврдата од СВР Велес на надлежното ОЈО Скопје. Таа не постои во овој судски предмет. Панче Жежовски е максимално оцрнет во предистражните дејствија од сведокот Гоце Трајковски, но не е прилично да го цитирам – рече Палевски.