ОПАСЕН ПАРАЗИТ ПОВТОРНО СЕ ШИРИ НИЗ САД Илјадници нови случаи за само една недела, експертите сè уште го бараат изворот

Американските здравствени власти регистрираа околу 2.500 нови случаи за една недела, а изворот на заразата со паразитот „Cyclospora cayetanensis“ сè уште не е утврден.

0

Иако американскиот министер за здравство, Роберт Ф. Кенеди Помладиот, пред десетина дена изјави дека епидемијата на паразитот „Cyclospora cayetanensis“ е ставена под контрола, во САД и натаму се бележат нови случаи на заболени.

Според податоците на американскиот Центар за контрола и превенција на болести (CDC), само во периодот од 21 до 28 јули биле регистрирани околу 2.500 нови случаи. Од 1 мај досега се потврдени повеќе од 6.700 инфекции, додека уште над 11.500 случаи чекаат лабораториска потврда или дополнителна анализа.






Иако симптомите можат да бидат многу непријатни, досега не е регистриран ниту еден смртен случај. Во болница завршиле 423 лица, а здравствените власти сè уште се обидуваат да го утврдат изворот на заразата со паразитот што предизвикува силна и продолжена дијареа.

Првично, сомневањата беа насочени кон компанијата „Тејлор Фармс“, еден од главните снабдувачи на синџирот ресторани „Тако Бел“, откако Американската агенција за храна и лекови (FDA) соопшти дека во пакувана сечкана зелена салата биле откриени траги од паразитот.

Подоцна, FDA ја повлече таа информација, наведувајќи дека станувало збор за лажно позитивен лабораториски резултат. Сепак, компанијата доброволно ја повлече спорната салата од продажба.

Од Центарот за контрола и превенција на болести предупредуваат дека вистинскиот број заболени веројатно е значително поголем, бидејќи многу лица закрепнуваат без лекарска помош и воопшто не се тестираат за циклоспороза.

Најпогодени се сојузните држави Мичиген и Охајо. Според здравствените власти, случаи сè уште не се регистрирани единствено во Монтана, Ново Мексико, Мејн, Јужна Каролина и на Хаваите.

Експертите препорачуваат овошјето и зеленчукот темелно да се мијат пред консумирање или храната да се подложи на термичка обработка, бидејќи високите температури ги уништуваат микроорганизмите.

Поврзани содржини