ОБИД ДА СЕ ЗАРАБОТИ ПОВЕЌЕ ОД НАФТАТА ИЛИ ДА СЕ ОСЛАБИ ПОЗИЦИЈАТА НА ОПЕК Зошто Емиратите го напуштаат ОПЕК?
Додека производството на ОПЕК е доминирано од Саудиска Арабија, ОАЕ имаа втор најголем резервен производствен капацитет. Токму оваа позиција, велат аналитичарите, доведе до долгорочна ревизија на членството на ОАЕ во организацијата. Токму оваа позиција, велат аналитичарите, доведе до долгорочна ревизија на членството на ОАЕ во организацијата.
Излегувањето на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) од ОПЕК, Организацијата на земјите извознички на нафта, предизвика различни коментари околу тоа колку овој потег е значаен за натамошното опстојување на картелот и за цената на нафтата во иднина.
ОПЕК е организација составена главно од извозници на нафта од Заливот, која со децении ја контролираше цената на суровата нафта со намалување или зголемување на производството и со доделување квоти на своите членови. Тој одигра клучна улога во нафтените кризи од 1970-тите, кои ја преобликуваа глобалната енергетска политика. Емиратите беа членови на таа организација дури и пред да станат независна земја во 1971 година.
Додека производството на ОПЕК е доминирано од Саудиска Арабија, ОАЕ имаа втор најголем резервен производствен капацитет.
Токму оваа позиција, велат аналитичарите, доведе до долгорочна ревизија на членството на ОАЕ во организацијата. Емиратите сакаа да го искористат значителниот производствен капацитет во кој инвестираа.
Одлуката на ОАЕ се разгледуваше како можност веќе некое време, бидејќи во последните години тие се спротивставуваа на производствените квоти на ОПЕК за кои сметаа дека се премногу ниски – што значи дека не можат да продадат толку нафта на светот колку што сакаат.Квотите на ОПЕК го ограничија нивното производство на 3 до 3,5 милиони барели дневно.
-Надвор од групата, ОАЕ би имале и мотив и можност да го зголемат производството, што покренува пошироки прашања за одржливоста на улогата на Саудиска Арабија како клучен стабилизатор на пазарот – рече аналитичарот на „Ристад“, Хорхе Леон .
Се очекува Обединетите Арапски Емирати откако целосно ќе ја вратат својата нафта на пазарот ќе се обидат кон производство од 5 милиони барели дневно што е веројатно.
Високи функционери на Емиратите веќе зборуваат за нови нафтоводи од нафтените полиња во Абу Даби што би го заобиколиле Ормускиот теснец и би воделе до пристаништето Фуџаира, чии капацитети не се целосно искористени.Еден цевковод веќе е во интензивна употреба денес, но ќе биде потребен значително поголем капацитет за да се поддржи зголеменото производство и трајно да се променат тековите и трошоците на сообраќајот на танкери во Заливот.
– Ова им отвора врата на ОАЕ да го зголемат својот удел на глобалниот пазар откако ќе се стабилизира геополитичката ситуација – вели Моника Малик, главен економист во ADCB.
Во такви услови Саудиска Арабија би можела да одговори со војна на цените на нафтата што поразновидна економија на ОАЕ би можела да ја издржи, но посиромашните членки на ОПЕК веројатно нема да ја издржат, што ќе влијае на цените на нафтата и домино ефект во ОПЕК.
Но, додаваат аналитичарите, иднината во која светот ја намалува зависност од нафтата ја намалува монополската улога на ОПЕК и покрај неговото сегашно влијание и ги тера земјите производители да размислуваат како во меѓувреме да профитираат од продажбата.
Тука, според нив, голема улога има намалувањето на побарувачката на нафта од Кина. Имено, кинеските инвестиции во електрификација помогнаа да се ублажи економскиот удар од зголемувањето на цените на нафтата и гасот.
Според некои проценки, електрификацијата на кинеските автомобили, камиони и возови ја намали побарувачката за нафта во втората по големина економија во светот за милион барели дневно. Глобалната побарувачка за нафта би можела да стагнира како што овој тренд се забрзува низ целиот свет
Сепак аналитичарите сметаат дека излегувањето на ОАЕ може да се смета и на победа за американскиот претседател Доналд Трамп, кој ја обвини организацијата за „експлоатација на остатокот од светот“ со зголемување на цените на нафтата уште во 2018 година на Генералното собрание на ОН.
Трамп, исто така, ја поврза американската воена заштита на земјите од Заливот со цените на нафтата, тврдејќи дека иако САД ги штитат, тие „го искористуваат тоа со наметнување високи цени“.
Емиратите, пак се голем сојузник на САД.
Обединетите Арапски Емирати вчера објавија дека ќе го напуштат ОПЕК од 1 мај, оставајќи ја организацијата без својот трет најголем производител.