НАД 400 ОБЈЕКТИ ОШТЕТЕНИ ПО ЗЕМЈОТРЕСОТ ВО ПАНАМА Најмалку 27 лица се повредени, околу 300 биле евакуирани

Земјотресот со магнитуда од 7,7 степени предизвика штети на повеќе од 400 објекти, меѓу кои 188 училишта. Околу 300 лица биле евакуирани, а предупредувањето за цунами било повлечено неколку часа по потресот.

0

Земјотрес со магнитуда од 7,7 степени ја погоди Панама, при што најмалку 27 лица се здобиле со полесни повреди, а околу 300 биле евакуирани. Според првичниот биланс на Националниот систем за цивилна заштита на Панама (SINAPROC), засега нема пријавени загинати.

Земјотресот предизвикал материјална штета во повеќе делови од земјата. Оштетени се повеќе од 400 објекти, меѓу кои 142 домови и 188 училишта. Пријавена е штета и на болници, цркви, владини згради, мостови и патишта, а во некои области биле погодени и објекти за преработка и снабдување со вода за пиење.






Најпогодени се неколку провинции во централниот и јужниот дел на земјата. Во градот Пенономе, според медиумските извештаи, се урнал дел од катедралата „Сан Хуан Баутиста“, додека на други објекти биле забележани сериозни оштетувања.

Според Геолошкиот завод на САД (USGS), земјотресот бил регистриран во петокот, 9 октомври, во 12:56 часот по локално време. Епицентарот бил во близина на Питалоса Ариба, во јужниот дел на Панама, на длабочина од околу 12,6 километри. „USGS“ ја проценил магнитудата на 7,7, додека панамскиот Институт за геонауки ја проценил на 7,5 степени.

По главниот потрес биле регистрирани и бројни последователни земјотреси, поради што надлежните служби продолжиле со процената на штетите и проверките на безбедноста на објектите.

По потресот било издадено предупредување за цунами за делови од источниот Пацифик, вклучувајќи делови од бреговите на Централна и Јужна Америка и Мексико. Предупредувањето било повлечено неколку часа подоцна.

Надлежните служби продолжуваат со проверките на оштетените објекти и инфраструктурата, додека властите ги повикаа граѓаните да ги следат официјалните информации и да бидат внимателни поради можните последователни потреси.

📽️ ПАНАМА ПОГОДЕНА ОД ЗЕМЈОТРЕС ОД 7,7 СТЕПЕНИ Оштетени згради и патишта, укинато предупредувањето за цунами

Поврзани содржини