НАД 140 ЛУЃЕ ЗАГИНАА ПРИ МАСОВНИОТ ВЛЕЗ ВО СЕУТА И ВО МАЛИЉА Идентификувани се само 6 мртви

Мароканскиот национален совет за човекови права објави дека 236 лица се повредени на мароканската страна, вклучувајќи 87 припадници на безбедносните сили.

0

Бројот на загинати мигранти по масовниот влез во шпанската северноафриканска енклава Сеута пред една недела се зголеми до 96, од кои 82 на шпанска страна и 14 на мароканска страна, објави денеска шпанската телевизија РТВЕ, повикувајќи се на официјални податоци.

Мароканското здружение за човекови права (AMDH) проценува дека вкупно 141 лице загинало кога ќе се додаде и обидот за влез во Мелиља, уште една шпанска енклава во Северна Африка.

Директорот на Институтот за судска медицина во Сеута, Мануел Апарсеро, потврди дека главната причина за смртта е механичка асфиксија поради давење. Обдукциите на сите пронајдени тела се завршени, но досега се идентификувани само 6 луѓе – сите се возрасни мажи со мароканско државјанство.

За да се забрза процесот на идентификација Шпанската цивилна гарда ги испрати отпечатоците од прсти до мароканските власти за споредба со нивните бази на податоци. Во истрагата се вклучени и дополнителни форензички експерти од шпанските градови Касерес, Саламанка, Ваљадолид, Толедо и Гвадалахара.

Членовите на службите за итни случаи ја опишаа ситуацијата во областа од бранобранот до плажата Тарахал како „ужасна“, наведувајќи дека во најинтензивните моменти на шпанската страна пристигнувале помеѓу 60 и 100 луѓе во минута.

– Кога пристигнавме, сцената беше ужасна. Беше масовен влез на мигранти, а многумина веќе беа мртви, додека други беа во терминална фаза на исцрпеност – рече Апарсеро, опишувајќи ја интервенцијата на местото на настанот.

Тој додаде дека лекарите се обиделе да реанимираат неколку лица, но некои од обидите биле неуспешни.

Мароканскиот национален совет за човекови права (CNDH) објави дека 236 лица се повредени на мароканската страна, вклучувајќи 87 припадници на безбедносните сили.

Околу 100 лица беа уапсени во областа Сеута, вклучувајќи 11 малолетници, во врска со масовното преминување на границата, а уште 23 лица беа уапсени во близина на Мелиља.

Немирите на мароканската страна, исто така, предизвикаа значителна материјална штета, при што беа уништени околу 90 приватни и службени возила.

Истрагата на CNDH укажува на важната улога на социјалните мрежи во организирањето на масовниот обид за преминување на границата. Анализирани се 23 Фејсбук-групи со повеќе од милион членови, во кои, според наодите од истрагата, се објавени информации за рутите, времето и методите на преминување преку морето до Сеута.

CNDH, исто така, наведува дека погрешното толкување на одлуката на шпанскиот Врховен суд за забрана за итно враќање на мигрантите на море можело дополнително да го поттикне организирањето на масовните обиди за влез.

Притисокот од миграција врз Сеута продолжува. Вчера беше регистрирана смрт на мигрант кој се обиде да влезе во енклавата со параглајдер.

Трагедијата го покрена и прашањето за капацитетот на Сеута да прифати мигранти, особено малолетници, додека локалните власти повторно апелираат за поголема солидарност и помош од остатокот од Шпанија.






Поврзани содржини