НА ОБЕЗБЕДУВАЊЕТО НА ЏЕЈ ДИ ВЕНС МУ ПУКНА ФИЛМОТ „Си се шеткаат со владиниот хеликоптер како цареви“
Незадоволството кулминирало по барањето Венс и неговиот малолетен син со воениот хеликоптер да бидат пренесени преку Вашингтон за час по голф. Семејството неколку пати патувало со хеликоптер до Мидлбург, во државата Вирџинија, за да гледа куќи за купување.
Агентите на американската Тајна служба задолжени за обезбедувањето на потпретседателот Џеј Ди Венс се незадоволни од, како што велат, сѐ почестите и непромислени барања за патувања, кои најчесто пристигнуваат во последен момент. Според телевизијата MS Now, тоа веќе сериозно влијае врз моралот во тимот.
Незадоволството кулминирало по барањето Венс и неговиот малолетен син со воениот хеликоптер Marine Two да бидат пренесени преку Вашингтон за час по голф. Летот на крајот бил откажан поради лошите временски услови.
Според извори на телевизијата, ваквото барање било без преседан. Иако формално не постои правило што го забранува користењето на владин хеликоптер за ваква намена, агентите сметаат дека станува збор за непотребен луксуз и дополнителен притисок врз нивната работа.
За употребата на Marine Two е потребно одобрение од Воената канцеларија на Белата куќа, а според проценките на американското Министерство за одбрана од 2022 година, еден час лет чини меѓу 16.000 и 24.600 долари, што се покрива од парите на даночните обврзници.
Изворите наведуваат и дека Венс и неговото семејство неодамна неколкупати патувале со хеликоптер до Мидлбург, во државата Вирџинија, додека барале нов дом. Потпретседателот и неговата сопруга Уша Венс имаат три деца, а наскоро очекуваат и четврто.

Според истите извори, агентите се уморни од честите промени на распоредот и барањата што пристигнуваат без претходна најава, поради што дел од нив дури изработиле и сатирични налепници и пригодни значки на сметка на ситуацијата.
Новинарката Керол Леониг, која работела на истражувањето, изјави дека Тајната служба многу ретко јавно покажува незадоволство, па ваквите реакции се јасен сигнал дека меѓу агентите постои сериозно незадоволство. Според неа, дел од нив сметаат дека од нив се очекува „кралски третман“ за семејството на потпретседателот, нешто што не е вообичаено за оваа служба.
Од кабинетот на Венс ги отфрлија критиките, нагласувајќи дека потпретседателот и неговото семејство имаат голема почит кон агентите на Тајната служба и дека тие професионално ги извршуваат своите обврски и покрај сложеноста на задачата.
Заменик-директорот на Тајната служба, Метју Квин, порача дека агентите уште при преземањето на ваквите должности знаат дека работата подразбира долги смени, чести патувања, работа за викенди и празници, како и постојана подготвеност за ненадејни промени, со единствена цел – безбедноста на лицата што ги обезбедуваат.