МОРА ДА СЕ БОРИМЕ ПРОТИВ ПРИДАВКАТА „СЕВЕРНОМАКЕДОНСКИ“ И ПРОТИВ ИМЕНКАТА „СЕВЕРНОМАКЕДОНЦИ“ Зошто спие нашата дипломатија?

Јазикот си има своја логика и тој нема да отстапи и ќе си функционира како што му е најприродно. За да отстапи од тој пат, мора да се применат надворешнојазични средства, а досега не изгледа дека македонската држава и нашето МНР можат и имаат капацитети да го направат тоа, коментираат лингвисти со коишто разговараше Плусинфо.

1,998

„Претседателката Фон дер Лајен утре ќе биде во Скопје на средба со северномакедонскиот претседател Стево Пендаровски и со премиерот Димитар Ковачевски. Претседателката ќе се обрати во северномакедонскиот Парламент на свечената седница во 13 часот“, најави Европската комисија во јули минатата година.

„Сакам да им се заблагодарам на Северномакедонците за нивниот напредок“, рече францускиот претседател Емануел Макрон на прес-конференцијата по минатогодишниот Самит на ЕУ во Брисел.






Северномакедонските партии протестирале против Францускиот предлог кој е голем успех за бугарската влада“, изјави поранешниот бугарски премиер Кирил Петков во јуни минатата година.

Северномакедонскиот јазик некогаш бил дел од бугарскиот јазик“, изјави преклани државната секретарка за европски прашања на Португалија, Ана Паула Закаријаш.

Во еден од огласите за вработување објавени од американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“, кој е ангажиран од Владата за изградба на делниците од коридорите 8 и 10Д е наведено: „Имаме потреба од лице ангажирано за односи со јавноста, кандидатот да има познавање на северномакедонски мајчин јазик“.

Ова е само мал дел од мноштвото намерни и ненамерни „лапсузи“ што ги направија видни и невидни политичари, бизнисмени, спортски коментатори, блогери, па и институции, од самиот момент на потпишување на Преспанскиот договор и носењето на одлуката за воведување на придавката „северна“ во името на државата.

Повеќе од очигледно е дека новиот „северномакедонски“ идентитет, за жал, станува реалност бидејќи сите го поврзуваат со новото име на државата, а овдешните официјални власти како веќе да кренаа раце и ретко, па дури и воопшто не реагираат на секојдневните „лапсуси“ или провокации коишто доаѓаат од страна.

Но, има ли воопшто начин како да се спречи општата прифатеност на придавката „северномакедонски“? Може ли оваа придавка да ни се одомаќини и во сопствениот јазик и секојдневие? Како да му кажеме на Французинот, Германецот или на Швеѓанецот, на пример, дека нашата држава официјално се вика Северна Македонија, ама дека ние сме Македонци и дека зборуваме македонски јазик, но и дека придавката „северномакедонски“ е на исто рамниште со пцовка?!

Плусинфо на оваа тема разговараше со истакнати домашни писатели, лингвисти и преведувачи. Сите до еден, вината ја префрлаат на македонските политичари и институции, најмногу врз Министерството за надворешни работи (МНР), кое треба постојано да реагира на ваквите погрешни употреби на придавката „северномакедонски“.

Тие предлагаат да се формира тело во рамките на МНР, кое би работело според определени механизми во насока на информирање на странската и на домашната јавност за неисправноста на зборот „северномакедонски“. Ова тело би реагирало и на инцидентите со „северномакедонски“ и во самата Македонија, а би било и одговорно за водење некој вид регистар на вакви „инциденти“ и за повремено објавување извештаи кои би содржеле статистики за бројот на инциденти и на реакции: за тоа колку од нив доаѓаат од друга земја, а колку однатре; потоа и за „сторителот“ на инцидентот (медиум, политичар, организација, итн.), како и други категоризации.

Можеме само да се сликаме!

После свршен чин нема каење, коментира Игор Радев, лингвист, синолог и преведувач, кој забележува дека не постои ефикасен начин за да се спречи општата прифатеност на придавката „северномакедонски“ во својство на атрибут накалемен врз сѐ она што ѝ принадлежи на нашата држава, како и на народот којшто живее во неа.

– Оној миг кога со Преспанскиот договор беше прифатено (настрана суптилното прашање за нијансите на легалноста и легитимноста на „прифаќањето“) преименување на државата во „Северна Македонија“ како ново име за севкупна (sic!) употреба, универзализацијата на придавката „северномакедонски“ стана неизбежна. Причината за тоа лежи во простата јазична прагматика. Секогаш кога постои именување квалификувано со некаков атрибут, придавката изведена од тоа сложено име ќе го содржи и атрибутот. Во светот имаме поредица држави, чие официјано име е квалификувано со некаква одредница: Јужен Судан, Нов Зеланд, Јужна Африка, Источен Тимор итн. Редовно во вообичаениот говор сите употребуваме придавки како – „новозеландски“, „јужноафрикански“…, па и демоними (именки за означување на народ) како – „Јужноафриканци“, „Новозеланѓани“ итн. Патем, кога сме кај именувањето на Јужна Африка, нејзиниот официјален назив (на англиски, но имаат и други 10 официјални јазици) гласи „Republic of South Africa“, меѓутоа, како ние службено ја ословуваме оваа држава на македонски? – „Јужноафриканска Република“, што би бил точен превод на (непостоечкиот) назив „South African Republic“, а не го користиме коректниот превод „Република Јужна Африка“. Гледате, и нам ни е полесно да употребиме сложена придавка дури и таму, каде што не треба. Така се однесуваат и со нас. Никој во странство нема да „крши јазик“ со изрази како – „владата на Северна Македонија“, „кошаркарите на Северна Македонија“ или „жителите на Северна Македонија“, туку ќе кажат просто: „северномакедонската влада“, „северномакедонските фудбалери“ и „Северномакедонци“. Зајакот лежи во еден банален психолингвистички феномен, кој би го нарекле „економичност на говорниот израз“. Односно, секогаш кога една иста смисла може да се искаже и со посложена граматичка конструкција во говорниот израз и со поедноставна, говорителот тежнее да ја изрази со поедноставната конструкција. Не можеме да одиме против природната склоност на ползувањето со јазикот. Говорниот јазик е како вода, која влечена од законот на гравитацијата тече од повисоко кон пониско во склад со теренот нужно по наједноставната, т.е. најкратката патека. Жалам, но на странците конструкциите со придавката „северномакедонски“ секогаш ќе им бидат поедноставни – објаснува Радев.

Говорниот јазик е како вода, која влечена од законот на гравитацијата тече од повисоко кон пониско во склад со теренот нужно по наједноставната, т.е. најкратката патека. Жалам, но на странците конструкциите со придавката „северномакедонски“ секогаш ќе им бидат поедноставни

Игор Радев Лингвист, синолог и преведувач

Впрочем, додава тој, ова понекогаш се прави и на таков начин што, со цел да се поедностави колку што може говорниот израз, се измислуваат атрибути, кои воопшто не фигурираат во официјалните именувања.

– На пример, сите ние „знаеме“ дека постојат држави што се викаат „Северна Кореја“ и „Јужна Кореја“, па говориме за „јужнокорејска поп музика“ или „севернокорејски претседател“, за „Јужнокорејци“ и „Севернокорејци“ итн. Меѓутоа, реалноста е дека едната од нив официјално се нарекува „Народна Демократска Република Кореја“, додека другата – „Република Кореја“, та во официјалната правна комуникација гореспомнатите географски одредници воопшто не фигурираат, туку претставуваат само „нагалени“ ословувања, неформални атрибути што ни овозможуваат да си го поедноставиме говорниот израз кога станува збор за овие две земји, и како такви веќе неискоренливо имаат влезено во универзална употреба. Зошто сметате дека ние би биле исклучок, дотолку повеќе што ние самите официјално и му даваме повод на надворешниот свет да нè ословува со омразената ни придавка? Во некои јазици ситуацијата станува и потрагична. На пример, во германскиот „Северна Македонија“ гласи „Nordmazedonien“, каде што придавката, која ја содржи географската одредница, стои однапред и е споена со личната именка во еден збор што почнува со големо „N“ (како „Nord“: „север“). Преминувајќи на малку поприземен јазичен регистар, ќе ви кажам: Ние можеме само да се сликаме! Не очекувајте дека Германците ќе си ја сменат граматиката и правописот саде за нас. Додуша, постојат  и обратни случаи, како што се романските јазици, па и албанскиот, каде именувањето „Северна Македонија“ структурно се изразува низ две именки сврзани со предлог, та смисловно добиваме нешто како „Македонија на Северот“: француското „Macédoine du Nord“, шпанското „Macedonia del Norte“, италијанското „Macedonia del Nord“ или албанското „Maqedonia e Veriut“ – вели Радев.

Нашиот соговорник го поставува прашањето: врз основа на што ние би барале во странство да не се користи придавката „северномакедонски“?

„Ќе речете – во Преспанскиот договор наводно постои одреден член, којшто постулира дека „обете страни“ подеднакво имаат право официјално да ја користат придавката „македонски“ и следствено ние со оваа родна наша придавка смееме, па дури и сме должни, а тоа и од сите други треба да биде почитувано, да го квалификуваме сето она што се однесува на земјата, народот, јазикот, културата, поднебјето итн… Добро. Но ако тоа е така, тогаш од каде онаа манија на преименувања на културни институции, во кои претходно фигурираше придавката „македонски“? Нечија Опера и балет стана просто „национална“, а сум чул (иако сам сѐ уште не сум видел) дека во менијата на одредени угостителски објекти дури и македонската салата на ист начин била ономастички „национализирана“. Можеби досега сум си го преценувал коефициентот на интелигенција, но не разбирам баш најдобро, зарем вакви дејанија не се косат со „духот и словото“ на одредени точки на Договорот, кој пред малку го наведов? Дотолку повеќе, со кој ум очекуваме дека некој во странство би бил запознат со сите дребни смисли на Преспанскиот, па врз основа на тоа и би се чувствувал обврзан да ја користи исклучиво придавката „македонски“? Не, во странство единствено се запознаени со крајниот резултат на чинот што го свршивме – од Македонија официјално станавме „Северна Македонија“. Кутрите, тие веќе освен ова име за нас не знаат друго. По наша вина, секако. Следствено, од тоа на „С“ понатаму во склад со граматичките особености и правописни норми на сопствените јазици, како и водејќи се од одредени психолингвистички склоности, тие ќе си изведуваат соодветни придавки и квалификации, ни се допаѓало нам ова или не. Е сега, дали чинот, којшто беше свршен, во хипотетичка иднина може, на кој начин и во која мера да биде „отсвршен“, е прашање веќе надвор од моите компетенции – објаснува Радев.

Можевте и пописмено да нѐ преименувате!

На регистарските таблици на автомобилите кај нас се втиснува кратенката „NMK“. Што значи ова? Добро, ќе речете „МК“ е скратена латинична транскрипција на македонскиот збор „Makedonija“ (односно, Македонија). А „N“? Секако, тоа е првата буква на англиското „North“ („север“, „северен / – а / -о“).

Меѓутоа, ако станува збор за кратенка на латинични транскрипции од македонски јазик, тогаш сообраќајната кратенка би требало да гласи „SMK“, од „Severna Makedonija“ („Северна Македонија“), или ако станува збор за кратенка од англиското именување (North Macedonia), тогаш таа би морала да биде „NMC“.

Вака, „NMK“ на ниту еден јазик не значи ништо. Некој ова може да го сфати како „посолување на рана“: Ајде што нè преименувавте, ама можевте и пописмено да нè преименувате!

Ако ме прашувате за веста дека во формуларите на извесна голема градежна компанија (која мнозина од за мене необјасниви причини имаат уплав да ја окаректизираат со заслужената придавка „контроверзна“), продолжува тој, нашиот јазик беше означен како „северномакедонски“, сметам дека во конкретниот случај станува збор за студена, цинична, промислена провокација.

– Во сите примери, кои ги наведовме, кога одредени географски или друг тип на атрибути влегле во сложени придавки за означување на земји, јазикот никогаш нема фигурирано. Така, никој колку што ми е познато, ни по грешка нема кажано „севернокорејски јазик“, „источногермански јазик“, „јужносудански јазик“ и слично… Значи, ако го установивме присуството на глаголот „провоцира“, не е лошо и  да се замислиме околу тоа кој би можел да биде подметот на овој глагол во конкретниов случај. На крај, после сè, демонстративното изразување на „изненаденост“ и „увреѓеност“ соочени со случаи на ползување со придавката „северномакедонски“ во странство веќе станува пародично. А што може да сториме? Некоја наша институција, да речеме Министерството за надворешни работи, да ги брифира сите до еден новинари, спортски известувачи, блогери на планетава, да им каже како „стојат работите со придавките“, па тие послушно да се покорат… Ајде, да не го напуштаме хоризонтот на реалното. Кој, пак, ве убедува дека денес, сѐ додека правно во севкупна меѓународна употреба е новото име, може нешто суштински да се стори во врска со употребата на придавките на глобално ниво, стравувам дека страда од ментална состојба, којашто се движи во распон од глумење лудило преку наивност до инфантилност. Возрасни сме, нели? Верувам на сите веќе ни стана јасно дека после свршен чин нема каење… – заклучува Радев.

Стратегија за пресретнување

Мислам дека е важно да постои конкретна стратегија за пресретнување на конкретната појава, која не само што му штети на личното (национално) достоинство на секој оној што се идентификува како Македонец/Македонка и на кого тоа му значи, туку и задира во сржта на идентитетските прашања, со што ризикува да направи и општ хаос во колективната меморија

Живко Грозданоски Писател и книжевен преведувач

Писателот и книжевен преведувач Живко Грозданоски, пак, предупредува дека изразот „северномакедонски“ ризикува да ни се одомаќини доколку неговата употреба продолжи да минува без реакција и доколку не се вложат дипломатски и други напори за навремено спречување на неговата секојдневна употреба.

– Согласно договорот од Преспа, името на државата е Северна Македонија, но јазикот, народот, и сè друго што ѝ припаѓа на земјата е македонско (каква што е и желбата на самиот народ кој се идентификува како македонски). Но, како во Македонија, така и (пред сè) во странство, се случува (по инерција, поради неинформираност, или поради нечии лобија), да се употреби зборот „северномакедонски“ наместо „македонски“. Овој израз ризикува да се одомаќини доколку неговата употреба продолжи да поминува без реакција, и доколку не се вложат дипломатски и други напори за навремено спречување на неговата употреба. Мислам дека е важно да постои конкретна стратегија за пресретнување на конкретната појава, која не само што му штети на личното (национално) достоинство на секој оној што се идентификува како Македонец/Македонка и на кого тоа му значи, туку и задира во сржта на идентитетските прашања, со што ризикува да направи и општ хаос во колективната меморија – објаснува Грозданоски.

Тој предлага да се формира тело во рамките на Министерството за надворешни работи, кое би работело според определени механизми во насока на информирање на странската и на домашната јавност за неисправноста на зборот „северномакедонски“.

– Пред сè, едно такво тело би било одговорно за „обучување“ на дипломатските претставништва на Република Македонија со цел изготвување на единствен протокол за реагирање на сите појави на изразот „северномакедонски“, преку укажување на одредбата од Преспанскиот договор, но и евентуално потсетувајќи на правото на самоопределување, содржано во Повелбата на Организацијата на Обединетите нации. Ова тело, впрочем, би можело да ги изготвува и самите реакции на македонските дипломатски претставништва, но и на Министерството за надворешни работи. Но, ова тело би реагирало и на инцидентите со „северномакедонски“ и во самата Македонија. Понатаму, ова тело би било одговорно за водење некој вид регистар на вакви „инциденти“ и за повремено објавување извештаи кои би содржеле и статистики за бројот на инциденти и на реакции: за тоа колку од нив доаѓаат од друга земја, а колку однатре; потоа и за „сторителот“ на инцидентот (медиум, политичар, организација, итн.), како и други категоризации – вели писателот.

Едно вакво тело, додава Грозданоски, би било ангажирано за организирање кампања и во самата наша земја: кампања во која би ја развивало свеста за предметната одредба од Преспанскиот договор, но и би поттикнувало општествена кохезија, т.е. сеопшто прифаќање на оваа одредба, од страна на сите граѓани и националности во земјата.

– Тоа би можело да се направи со изготвување кратки видеа со содржина што пред сè ќе ја развива свеста за „македонски“, а потоа и ќе ја поттикнува употребата на зборот „македонски“, во име на што подобар соживот, затемелен врз меѓусебна почит. Има и други начини на кои би требало да функционира ова тело во рамките на Министерството за надворешни работи: пред сè со укажување на странските информативни агенции за правилната употреба на изразот „македонски“. Понатаму, ова тело би имало и други потфати, како на пример воспоставување соработка со бизнис сектори, соработка со македонски национални репрезентации од различни спортови, итн. Осмислувањето на начините на работа би биле задача на самото тоа тело. Но, пред сè најважно е едно такво тело да биде формирано – објаснува Грозданоски.

Ало, МНР, дали се слушаме?

Според Бобан Карапејовски, доцент на Катедрата за македонски јазик, вели дека пристапот кон оваа тема не е (само) лингвистички.

За да се надмине овој проблем треба сериозно залагање од сите државни институции, особено од МНР, кое секојдневно треба да реагира на ваквите погрешни употреби на придавката „северномакедонски“.

Бобан Карапејовски Доцент на Катедрата за македонски јазик

– Јасно е дека во рамките на именската група „Северна Македонија“, центарот е Македонија, а „Северна“ е она што се нарекува модификатор. По дефиниција, со модификаторот се стеснува обемот, а се збогатува содржината на центарот. Проблемот е во тоа што модификаторот и центарот формираат единство. Па, така не е исто, по опфатот, односно според обемот, ако изведете придавка само од центарот и од единството што тој го образува со модификаторот. Такви случаи има многу и сосема природно е, во духот на сфаќањето на јазикот како средство за комуникација, а граматичките средства како алатка со која информацијата што се пренесува при комуникација е разбирлива и што е можно поеднозначна, да се изведуваат придавка заедно со модификаторот. Се сеќаваме на источногермански наспрема западногермански марки или на јужнокорејски наспрема севернокорејски претседател. Просто, така центарот, со намален информациски опсег и зголемен содржински внес, помага за попрецизно пренесување на пораката. Тоа е така јазично. Затоа и сосема нормално изведуваме таков тип придавки (Светиклиментов, источноевропски…) – објаснува Карапејовски.

Проблемите за конкретниот случај се уште поголеми, додава тој, бидејќи придавката „македонски“, според Преспанскиот договор, се однесува само на она што се поврзува со македонскиот етност, но не и со државата „Северна Македонија“.

– Духот на многу јазици, како и јазичната економија, го претпочитаат синтетичкиот начин на модификување (северномакедонски) наспрема аналитичкиот (на Северна Македонија). Многу позгодно е да речете „северномакедонските фудбалери“ отколку да речете „фудбалерите на Северна Македонија“. Особено кога првиот образец без особен проблем се користи за други репрезентации (го земам фудбалскиот тим како парадигма, нека е и претседател, влада, книга, балет, претстава…). За да се надмине овој проблем треба сериозно залагање од сите државни институции, особено од МНР, кое секојдневно треба да реагира на ваквите погрешни употреби на придавката „северномакедонски“. Употребата е погрешна од дипломатски аспект и по словото на Преспа, но сосема е оправдана од јазичен аспект, колку и да ни пречи. Проблемот во овој правец што се создаде со Преспанскиот договор, всушност, тешко дека ќе се надмине. Јазичната практика тешко се управува од каков и да е политички договор (Преспа), па за светот сè повеќе ќе станува северно-(што и да е). Силната дипломатска активност треба да ни помогне тоа да не се прошири во обраќањата од страна на другите држави и во нивната јавна и официјална комуникација, но – како што предупредував и тогаш – во јазичната практика тоа нема да се надмине – вели Карапејовски.

За жал, посочува тој, оние што потпишале вакво нешто треба да ни објаснат како да се избориме сега со последиците и како планирале тогаш да го надминат овој проблем, на кој се посочуваше.

– Јазикот си има своја логика и тој нема да отстапи и ќе си функционира како што му е најприродно. За да отстапи од тој пат, мора да се применат надворешнојазични средства, а досега не изгледа дека македонската држава и нашето МНР можат и имаат капацитети да го направат тоа – објаснува Карапејовски.

Институциите спијат

На опасноста од придавката „северномакедонски“ упатуваа своевремено многумина јазичари и интелектуалци во пресрет на Преспанскиот договор, но нашите политичари нѐ успокојуваа дека до такво нешто нема да дојде или, во најлош случај, ќе се спречи со дописи, протестни ноти, апели и други начини, коментира писателката Фросина Пармаковска.

Најголемата моќ, сепак, се наоѓа во рацете на институциите и политичарите, особено оние кои ја претставуваат нашата земја во странство, но и на нашите амбасади и конзуларните претставништва, културните центри, лекторатите, македонските друштва, уметниците, спортистите, научниците па сѐ до секој поединец кој на каков било конструктивен начин може да го даде својот придонес по ова толку важно прашање

Фросина Пармаковска Писателка

– Лично, не гледам дека сега, години подоцна, се нешто посебно активни на тој план, а последиците од заспаноста и несериозноста ги сведочиме секојдневно. Се чини како да немаат никаква стратегија, никаква идеја и никаква креативност како овој процес да се спречи пред да настане уште поголема штета. Најголемата моќ, сепак, се наоѓа во рацете на институциите и политичарите, особено оние кои ја претставуваат нашата земја во странство, но и на нашите амбасади и конзуларните претставништва, културните центри, лекторатите, македонските друштва, уметниците, спортистите, научниците па сѐ до секој поединец кој на каков било конструктивен начин може да го даде својот придонес по ова толку важно прашање – забележува Пармаковска.

Таа вели дека неправдата со придавката „северномакедонски“ ја почувствувала и на сопствена кожа.

– Како за пример, ќе го споменам моето гостување и на уште тројца македонски писатели на Саемот за книга во Истанбул пред четири години, каде што на плакатот во програмата беше испишано: „северномакедонски писатели“. Тука секако дека не се работи за провокација, најмалку од Турција каде што секогаш сме биле топло пречекувани – туку се работи за пропуст кој може да се лоцира во нашиот културен центар во Истанбул кој, воедно, беше и организатор на нашето гостување на Саемот. Тоа е само еден во морето примери, но и дополнителен показател за тоа колку треба сите будно и посветено да дејствуваме за да го спречиме вдомувањето на придавка која е погрешна, неправедна и навредлива. Во оваа ситуација каде што, за жал, сме ставени во позиција каде што мора да си го браниме идентитетот, јазикот, културата од еден непријател кој се појавува во форма на лингвистичка несреќа по инерција, најмалку што ни е потребно е дефетистички став или непродуктивни навраќања кон нешто што можело многу подобро да се обмисли, но не се случило тоа. Ако 100 пати кажаната лага станува вистина, ние мора во најмала мера двојно пати повеќе да ја повториме вистината за таа да биде чуена – објаснува Пармаковска.

Игор Станојоски, романописец, лингвист и преведувач, пак, вели дека постои само еден единствен ефикасен начин за да се спречи употребата на „северномакедонски“ во иднина, а тоа е укинување на Преспанскиот договор.

– Сосема очекувано беше промената на името од Република Македонија во Република Северна Македонија (со придавката „Северна“ непосредно пред „Македонија“, на што неслучајно инсистираа грчките преговарачи) да резултира со намерна и/или ненамерна употреба на „северномакедонски“ јазик, народ, фудбалери, ракометари итн. Понекогаш тоа се прави злонамерно, понекогаш од неинформираност, понекогаш и од други, поневини причини. Ние можеме да се обидуваме да реагираме на секоја таква употреба, но и тука прашање е колку сме надлежни ние, а колку (секако, повеќе) тоа спаѓа во ингеренциите на лингвистите од земјата/јазикот во кој се случува таквата употреба. Постои само еден вистински ефикасен начин да се спречи употребата на „северномакедонски“ во иднина, а тоа е укинување на Преспанскиот договор – објасни Станојоски.

Поврзани содржини