МОНЕТИ И КЕРАМИКА ОД 4 ВЕК НАЈДЕНИ КАЈ СТЕНЧЕ Се копал канал за кабел за фотоволтаици, се нашле остатоци од антиката
Под Брегови Долна Цеста село Стенче е именувано местото од мештаните каде на една нива во септември 2025 година се најдени керамички остатоци при копање за градежни работи.
Од почетокот на јули Националната установа Музеј на тетовски крај почна со истражувања на нов локалитет во близина на Стенче. Под Брегови Долна Цеста село Стенче е именувано местото од мештаните каде на една нива во септември 2025 година се најдени керамички остатоци при копање за градежни работи.
Се наоѓа на околу километар и половина од центарот на селото во правец кон запад, односно во близина на крстосницата што води кон Волковија и Стенче, населени места во Општина Брвеница.
– Со механизација бил вршен ископ на канал за кабел да се постави за фотоволтаици. Тие напоменаа дека на површината на ископот наишле на доста обилна керамика. Утредента при увидот видовме дека станува збор за остатоци од праисторијата и од доцната антика. Потоа го прегледавме материјалот – изјави Игор Толевски, археолог-кустот при НУ Музеј на тетовски крај.
Следувала изработка на проект кој бил одобрен од страна на Министерството за култура, па од почетокот на јули се работи на ископ и истражување на локалитетот.
– Ако зборуваме за неколкуте површински откопи во сондата не ни даваа никакви наговестувања дека има нешто, но како се симнавме подлабоко негде на скоро еден метар се открија остатоци од една доцно-античка куќа. Потоа доцно-античката куќа ја потврдивме со подно ниво. Најдовме големо количество на керамика, доцно-античка керамика, тоа е една карактеристична сива македонска керамика од тој период. Дополнително на подот откривме и неколку монети коишто ни го потврдија егзистирањето на куќата, во средина на 4 век од новата ера – објаснува археологот.
Локалитетот именуван согласно локалната топонимија Под Брегови Долна Цеста е непознат за стручните лица од археологијата, но Толевски потсетува дека овој дел од Полошката котлина е веќе познат како плодно место за археолошки истражувања.
– Едниот локалитет е исто неолитски локалитет познат како Тумба Стенче, каде што е откриена карактеристична форма на жртвеник, антропоморфен, но во овој случај нема обележја на човечко лице, на жртвеникот. Тоа е еден четвртаст предмет којшто во средината има една форма како оџак. И во науката, но и меѓу луѓето, меѓу граѓаните стои како „Големата Мајка“. Во меѓувреме беа откриени и доста урнатини од една или две куќички со печка, со неколку целосно зачувани садови и други предмети од неолитот – вели Толевски.
Тврдината Градиште или Граиште е вториот локалитет во планината над Стенче што се истражува, а е исто така од периодот на доцната антика.
– Најверојатно гратчето се формира негде после времето на Диоклецијан, односно Константин и живее во текот на целата доцна антика. Најверојатно Јустинијан го обновува и потоа во периодот на средновековието, каде што градот како град е напуштен, но врз урнатините на градот има и најверојатно некоја мала селска населба. Позната е тврдината со нејзината базилика со три крстилници којашто да речеме во тој 5, евентуално 6 век го добила најголемиот зенит во нејзиното постоење – вели Толевски.
Новиот локалитет Под Брегови Долна Цеста село Стенче, според археологот е можност да се очекуваат и нови сознанија, по обработката на пронајдениот материјал, кога керамичките садови ќе се исчистат.