ЛУКРОВСКИ СЕ ВРАТИ НА ГРАДОНАЧАЛНИЧКАТА ФУНКЦИЈА ПО ПОДОЛГО БОЛЕДУВАЊЕ „Згрозен сум од тие што се обидоа да дојдат до евтини политички поени на моја сметка“

Само оние кои недоволно ме познаваат може да поверуваат дека сум се откажал. Сега по божја волја се враќам со нова енергија, со уште поголема посветеност – напиша Лукровски, градоначалникот на Карпош.

0

Градоначалникот на општина Карпош Сотир Лукровски денеска се врати на своето работно место, и по подолго боледување, повторно ги презеде градоначалничките надлежности. Во негово отсуство, општината ја водеше заменик-градоначалникот Неделчо Крстевски, кој доби овластување привремено да управува со работата на локалната самоуправа.

Градоначалникот на Карпош Лукровски на 8 мај годинава замина на боледување, а сите права и обврски од градоначалничката функција ги пренесе на совеникот Крстевски. Подолгото боледување на Лукровски предизвика шпекулации околу неговото можно повлекување од функцијата, како и евентуално распишување избори за градоначалник на Општина Карпош, но таквата можност премиерот Христијан Мицкоски ја отфрли.






Лукровски за своето враќање објави подолг статус на Фејсбук, во кој се заблагодари на премиерот и на колегите и ги осуди како што рече, обидите на некои поединци и партии, да стекнат евтини политички поени.

„Животот е борба исполнета со предизвици, но не затоа што е против нас, туку затоа што секој предизвик нè принудува да растеме, да учиме и да станеме посилни.

Изминатиот период за мене беше едно големо искушение. Се соочив со здравствен предизвик кој ме натера да сфатам дека вистинската сила не е никогаш да не паднеш, туку секогаш да најдеш сила повторно да станеш.

Денес, со голема благодарност и искрена радост, повторно се враќам на своето работно место. Ова враќање за мене не претставува само продолжување на професионалните обврски, туку и лична победа над здравствените предизвици со кои се соочив во изминатиот период. Во ова искуство научив дека со трпение, истрајност, верба и поддршка, дури и најтешките битки можат да се добијат“, објави Лукровски.

Тој вели дека е згрозен од одредени поединци кои се обиделе да дојдат до политички поени на сметка на неговата состојба.

„Најодговорно сакам да ги демантирам сите шпекулации и лаги врзани за моето име, згрозен сум од начинот со кој што одредени поединци и партии пробаа да дојдат до евтини политички поени на сметка на мојата состојба. Само оние кои недоволно ме познаваат може да поверуваат дека сум се откажал. Сега по божја волја се враќам со нова енергија, со уште поголема посветеност и со јасна цел – да продолжам да работам одговорно, чесно и посветено, во интерес на граѓаните и развојот на нашата општина. Да сте ми живи и здрави“, напиша Лукровски на Фејсбук.

 

Поврзани содржини