ЛЕСНО Е ДА ФОРМИРАШ НОВА ПАРТИЈА ПРЕД ИЗБОРИ Оди влези во Собрание и биди фактор по изборите, да те видам!

Новите партии во моментов се парламентарни, но по изборите тие ќе згаснат исто толку брзо колку што се формираа, па никој нема ни да се сеќава дека постоеле. Тие немаат ни инфраструктура, немаат ни време за да направат добра база, а не поседуваат ни некој добар потенцијал за да би можеле да изненадат на политичката сцена, коментираат аналитичарите.

831

Новоформираните политички партии во албанскиот политички блок ќе имаат многу краток рок на траење и ова дефинитивно ја прикажува само желбата на одредени луѓе да се прикажат како лидери, иако нивната првична цел е да го искористат транзицискиот период во којшто се наоѓа Македонија во поглед на условувањата за промена на Уставот.

Вака политичките аналитичари со коишто разговараше Плусинфо го коментираат забрзаното темпо на формирање нови политички партии кај Албанците, ако се земе предвид дека во рок од само еден месец беа создадени дури 3 нови политички субјекти.






Последната новоформирана политичка партија е Народното движење на пратеникот Скендер Реџепи-Зејд, кој на македонската јавност ѝ стана познат како пратеник од редовите на Алтернатива, а кој подоцна делуваше како независен пратеник.

Новите партии во моментов се парламентарни, но по изборите тие ќе згаснат исто толку брзо колку што се формираа, па никој нема ни да се сеќава дека постоеле.

Синиша Пекевски Политички аналитичар

Пред еден месец, партии регистрираа и поранешниот потпретседател на Беса и екс-министер за земјоделство, Аријанит Хоџа, како и „огнениот“ Изет Меџити, кој не успеа да издејствува внатрепартиски отчет на министрите од ДУИ. Партијата на Хоџа се вика Европска демократска партија, а на Меџити е Демократско движење.

Аналитичарот Синиша Пекевски смета дека на овој начин новопечените партиски лидери само се обидуваат да си ја зголемат својата цена и во игра е само личен бенефит и ништо повеќе.

– Формирањето нови политички партии нема да донесе никаков прогрес, ниту подобар живот за Албанците во Македонија. Новите партии во моментов се парламентарни, но по изборите тие ќе згаснат исто толку брзо колку што се формираа, па никој нема ни да се сеќава дека постоеле. Со самото тоа што нема да бидат избрани на следните парламентарни избори, така ќе згасне и нивното постоење. Тие немаат ни инфраструктура, а немаат ни време за да направат добра база, а исто така не верувам дека имаат некој добар потенцијал за да изненадат на политичката сцена – коментира Пекевски.

Сепак, додава тој, ова не важи за новоформираната партија на „огнениот“ Изет Меџити, бидејќи оваа партија уште сега покажува дека има сериозна потпора.

– Сосема друга е приказната со партијата Демократско движење на Изет Меџити, бидејќи оваа партија има сериозна потпора во Чаир и во Сарај. Партијата на Меџити веќе формираше коалиција со Алтернатива и со Беса, но не верувам дека оваа коалиција би се проширила и со другите новоформирани партии на Реџепи и на Хоџа. Верувам дека Изет Меџити, Африм Гаши и Билал Касами ќе формираат предизборен блок, но не верувам дека тој ќе трае многу долго. Мислам дека личните суети ќе преовладаат помеѓу нив и ќе дојде до разидување. Не може да функционираат 10 лидери, туку може да функционира само еден лидер – истакна Пекевски.

Политикологот Димитар Христов, пак, смета дека токму идејата за формирање една изборна единица е најголемиот виновник за формирањето нови политички партии.

Единствената опција за подолго опстојување на новите мали партии е да забележат успех на локално ниво, па дури потоа да размислуваат за влез во Собранието.

Димитар Христов Политиколог

– Убаво и демократски е да се формираат нови политички партии за да можат луѓето сами да си одлучат која политичка опција ја прифаќаат, а која ја отфрлаат. Сметам дека токму идејата за формирање една изборна единица е најголем виновник за формирањето нови политички партии, но тоа е само нож со две острици. Поради тоа што сѐ уште нема официјална промена во изборните единици, шансата за овие нови партии да влезат во Собранието барем со еден пратеник е минимална. Последната новоформирана партија во албанскиот блок, таа на пратеникот Скендер Реџепи, ќе одземе дел од гласачите на Алтернатива, со оглед на тоа што Реџепи ја напушти оваа партија во која беше избран за пратеник. Најголем ќар од новоформираните партии ќе има ДУИ, бидејќи математички гледано, во процесот на транформација на гласовите во пратеници, дел од гласовите ѝ се одземаат на Алтернатива и се претураат во сосема нова партија со минимални шанси за влез во Собранието. Автоматски тоа значи дека ќе има повеќе места за ДУИ, Беса и за Алијанса за Албанците – вели Христов.

И тој предвидува дека животниот век на новоформираните политички партии ќе биде прилично краток.

– Навистина би било убаво да предложат некои новитети, бидејќи доволно сме заситени од ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и од ДУИ. Но, реално гледано, многу тешко дека нешто може да се смени. Единствената опција за подолго опстојување на новите мали партии е да забележат успех на локално ниво, па дури потоа да размислуваат за влез во Собранието. Во спротивно, нивниот животен век ќе биде прилично краток, дури и незабележлив – објаснува Христов.

Сега во Собранието има 8 партии кои му припаѓаат на албанскиот политички блок.

Поврзани содржини