КУПУВАЈТЕ КАНАДСКО, БОЈКОТИРАЈТЕ АМЕРИКАНСКО Царините од САД го поттикнаа економскиот патриотизам на Канаѓаните
Корисно е да се потсетиме дека најголемата моќ што ја поседуваме е нашата куповна моќ. Можеме и мораме да избираме да купуваме канадски производи, порача канадскиот министер за финансии Франсоа-Филип Шампањ.
Трговската војна со Соединетите Американски Држави не само што ја погоди канадската економија, туку предизвика и силен бран на економски патриотизам кај Канаѓаните. Од воведувањето на американските царини во 2025 година, сè поголем број Канаѓани почнаа намерно да избираат домашни производи, да избегнуваат американски брендови и да ги менуваат своите туристички планови.
Ескалацијата на трговската војна помеѓу САД и Канада, практично, го зголеми економскиот патриотизам на Канаѓаните, а владата во Отава ги повика граѓаните да ги бојкотираат американски производи.
Повикот за бојкот уследи откако САД на 22 август воведоа царини од 50 отсто на различни канадски производи, а за автомобилскиот сектор и челикот најавија дополнителни 50 отсто од 1 јануари. Како одговор, Канада најави контрацарини од 15 до 50 отсто на американскиот увоз во вредност од 20 милијарди американски долари, што треба да стапат во сила на 8 септември.
Канаѓаните уште од минатата година, кога американскиот претседател Доналд Трамп најави царини ги бојкотираат, пред сè, американски вина и други алкохолни пијалаци, а намален е и бројот на канадски туристи во САД.
– Корисно е да се потсетиме дека најголемата моќ што ја поседуваме е нашата куповна моќ. Можеме и мораме да избираме да купуваме канадски производи – изјави канадскиот министер за финансии Франсоа-Филип Шампањ.
На новите американски царини реагираше и канадската министерка за индустрија Мелани Џоли истакнувајќи оти кога се купуваат канадски производи, „освен што се врши притисок врз САД, се штитат и работните места во Канада“.
Уште од минатата година во продавниците и во рекламите на производите има ознака со јаворов лист, симбол на канадското знаме, со што се потенцира потеклото на производот.
Канадскиот премиер Марк Карни неодамна порача дека „Америка се променила“ и дека Канада не може да се врати на старите односи, најавувајќи поголема економска самостојност, диверзификација на трговијата и зајакнување на домашното производство.
Расположението меѓу граѓаните е потврдено и со истражувања. Според Angus Reid, уште во февруари 2025 година 85 отсто од Канаѓаните изјавиле дека веќе ги замениле или планираат да ги заменат американските производи со канадски алтернативи, додека 78 отсто рекле дека ќе купуваат повеќе домашни производи. Економскиот бојкот, според анкетите, не останал само краткотрајна реакција: и во 2026 година мнозинството Канаѓани пријавуваат дека се обидуваат да избегнуваат американски производи и да им даваат предност на канадските.
Постојат и официјални показатели дека промената веќе се чувствува во продажбата. Статистичкиот завод на Канада објави дека во второто тримесечје од 2026 година 14,2 отсто од канадските компании забележале пораст на продажбата на своите канадски производи. Најизразен бил ефектот во трговијата на мало, каде 35,8 отсто од компаниите пријавиле зголемена продажба на домашни производи. Дополнително, 16,6 отсто од компаниите ги промениле маркетинг-стратегиите за поактивно да ги промовираат канадските производи.
И Банката на Канада забележа конкретна промена во потрошувачките навики. Анализата покажала дека во март 2025 година уделот на потрошувачката за канадски прехранбени производи пораснал за околу два процентни поени, додека уделот на американските производи се намалил за приближно исто толку. Промената продолжила и во следните месеци, иако експертите предупредуваат дека дел од ефектот е поврзан и со поскапувањето на американските производи поради канадските контрацарини.
Еден од највидливите ефекти е во туризмот. Канаѓаните во 2025 година направија 23,1 милиони патувања во САД, што е пад од 23,5 отсто во споредба со претходната година, а нивната потрошувачка во Соединетите Држави се намалила за 15,1 отсто и изнесувала 18,8 милијарди канадски долари. Наместо тоа, расте потрошувачката за патувања во Канада и во други делови од светот. Трендот продолжи и во првото тримесечје од 2026 година, кога патувањата на Канаѓаните во САД биле намалени за уште 10,6 отсто на годишно ниво.
Канадската влада во меѓувреме го претвори расположението „Купувај канадско“ и во официјална политика. Од крајот на 2025 година се воведуваат правила со кои во федералните јавни набавки предност треба да имаат канадските добавувачи, работници и производи, со цел да се зајакне домашниот синџир на снабдување и да се намали зависноста од надворешни пазари. Така, американските царини, кои првично требаше да извршат економски притисок врз Канада, имаат и неочекуван политички и општествен ефект: кај многу Канаѓани тие ја зајакнаа идејата дека трошењето пари може да биде и форма на патриотизам.