📽️ КРВАВ НАПАД ВО ЛОНДОН Двајца мажи избодени на улица, полицијата претпоставува дека е тероризам
Во северен Лондон двајца мажи се тешко повредени во напад со нож среде бел ден, по што полицијата отвори антитерористичка истрага и го уапси 45-годишниот напаѓач.
Двајца мажи се избодени со нож во северен Лондон во напад што британската полиција го третира како можен терористички инцидент.
Нападот се случил во населбата Голдерс Грин околу 11:16 часот по локално време, кога 45-годишен маж нападнал двајца минувачи. Повредени се маж на 76 и маж на 34 години, кои веднаш биле пренесени во болница. Лекарите потврдуваат дека нивната состојба е стабилна.
Според полициски извори и снимки од надзорни камери, напаѓачот прво оттурнал една од жртвите во сообраќаен знак, по што неколку пати го избодел. Вториот маж успеал да се одбрани и да побегне.
WILD TAKEDOWN: British Police arrest a terrorist who stabbed two Jews in the Golders Green neighborhood of London. One victim is in serious condition. pic.twitter.com/ZLi58XUA91
— Breaking911 (@Breaking911) April 29, 2026
Од полицијата велат дека осомничениот има историја на насилно однесување и проблеми со менталното здравје, а антитерористичката единица истражува дали нападот бил насочен кон еврејската заедница во областа.
Напаѓачот бил совладан со електрошокер откако се обидел да им се приближи на полицајците, а пред нивното доаѓање бил задржан од локална волонтерска група.
Инцидентот доаѓа во период на зголемени тензии и серија напади врз еврејски објекти во Лондон, меѓу кои палење возила и вандализирање синагоги.
Британскиот премиер Кир Стармер го осуди нападот, оценувајќи го како „ужасен антисемитски чин“, додека израелските власти повикаа на посилни мерки против антисемитизмот во Велика Британија.