🎥 КОЛКУ СЕ ОПРЧИ ХРВАТСКА ЗА РЕКЛАМАТА СО ЏОН МАЛКОВИЧ Новиот промотивен спот со славниот актер не чинел баш малку
Вкупната цена на рекламата што ја сними Хрватската туристичка заедница со славниот Џон Малкович во главната улога, била 588 илјади евра без ДДВ - пишуваат хрватските медиуми. На социјалните мрежи се разгоре дебата
Рекламата на Хрватската туристичка заедница (ХТЗ) „CROATIA – I hear it’s beautiful“, со познатиот актер Џон Малкович предизвика поделени мислења во јавноста, а особено има жестоки дискусии на социјалните мрежи.
Додека некои веруваат дека тоа е најдобрата реклама што некогаш ја имала Хрватската туристичка заедница, други веруваат дека тоа е непотребно трошење пари бидејќи „туристите ќе дојдат со или без рекламата“ и дека „парите се трошат без врска, а малите станодавци ќе ги одерат“.
Според хрватските медиуми кои прашале во ХТЗ колку ги чинела рекламата со холивудската ѕвезда, чии прадедо и прабаба емигрирале во САД од областа Озаљ во Карловачката жупанија, бил спроведен јавен повик за продукција и била избрана агенцијата Бункер во согласност со пропишаните критериуми.
– Нивната проценка на трошоците, според ХТЗ, како одговор на нашето барање, ги вклучуваше трошоците за подготовка на продукцијата, хонорарите за споредни актери и статисти, режисерот и неговиот тим, продукцискиот и техничкиот тим, осветлувањето, камерите, сценографијата, монтажата и постпродукцијата, трошоците за фотографи итн., во износ од 459.643,05 евра (без ДДВ). Овој повик, како што може да се види на веб-страницата на ХТЗ, траел од 27 март до 7 април.
ХТЗ додаде дека е спроведен и јавен повик, чиј предмет беше избор на агенција за ангажирање на главниот актер во промотивното видео и за извршно-креативен и продукциски надзор.
Во согласност со критериумите на повикот, одбрана е понудата на Three Lions во износ од 128.932,44 евра (без ДДВ) – одговори ХТЗ.
Вкупната цена на рекламата беше 588 илјади евра без ДДВ – пишува Тпортал.
Супервизијата ја направил Пит Радовиќ, познат американски телевизиски и спортски продуцент, исто така од хрватско потекло и добитник на 45 награди Еми во 18 категории. Според записите од судскиот регистар, „Three Lions“ е во сопственост на неговото семејство, односно негова, а компанијата е основана кон крајот на октомври минатата година.
– Со Пит Радовиќ работев два спортски спота и кога тој ми ја предложи оваа соработка веднаш се согласив – рекол Малкович.
– Повикот на кој беше избран „Three Lions“ беше објавен од Хрватската туристичка заедница на 16 април и траеше само седум дена, а од агенцијата беше побарано да пронајде признат актер од А-листата со докажана врска со Хрватска. Беше нагласено дека врската со Хрватска е клучна, па затоа во поканата се споменуваа имиња како Ерик Бана, чиј татко е Хрват, Џон Малкович, чии баба и дедо се од областа Озаљ, Џо Манганиело, чија мајка има хрватски корени, или актери како Леонардо Дикаприо, Салма Хајек и Метју Меконахи кои јавно го промовираа својот престој во Хрватска.
Актерот морал да биде слободен седум дена за снимање помеѓу 1 мај и 30 септември и да има барем една награда како што се Оскар, Еми, Златен глобус, Златна палма или Златен лав.
Хрватскиот туристички завод очигледно имал среќа, бидејќи Малкович бил слободен, а рекламата била снимена пред главната туристичка сезона.
Со оглед на тоа што на социјалните мрежи избувна жестока дебата за тоа зошто натписот „Град Загреб и Бајс“ е отстранет од велосипедот што го вози Малкович во видеото, бидејќи станува збор за јавен систем за велосипеди финансиран од Градот Загреб и управуван од приватна компанија, Хрватскиот туристички завод изјави дека „ги отстрануваат сите видливи имиња на брендови на комерцијални субјекти“ во своите промотивни материјали.