🎥 КОГА ЌЕ ГИ ПОЛОЖИШ СИТЕ ИСПИТИ КАЈ ЈОСИПА ЛИСАЦ „Ти чудотворче, ти си тотално магичен“
На спектакуларните концерти викендов во најголемата хрватска сала, Јаков Јозиновиќ со само 20 години, стана најмладиот изведувач кој одржал два концерти во Загрепската арена, а неговата турнеја „Ја за чуда летим“ продолжува да руши рекорди.
Исполнета со љубов, емоции и музика, Арена Загреб две вечери беше преполна за концертите на музичката сензација Јаков Јозиновиќ.
Со само 20 години, тој стана најмладиот изведувач кој одржал два концерта во Загрепската арена, а неговата турнеја „Ја за чуда летим“ продолжи да руши рекорди.
– Добро вечер, Загреб! Добро ли сме? Втора вечер по ред, мојот сон од детството се остварува, ви благодарам за тоа. Ви благодарам што дојдовте подготвени да пеете со нас. Сакам навистина да уживате, да ги исфрлите сите грижи од главите и секоја песна да ви ги исполнува срцата до следниот настап – рече тој на почетокот на концертот.
Сцената поставена во самото срце на Арената, специјално светлосно шоу, импресивни LED екрани и специјални ефекти дополнително ја збогатија секоја од песните. Покрај музичкиот и сценскиот спектакл, Јаков подготви изненадувања за своите обожаватели кои дополнително ги воодушевија. Целосен делириум следеше кога го најави својот прв музички гостин – музичката икона на регионалната сцена Јосипа Лисац.
– Оваа песна е стара 53 години. Лицето кое ја издаде имаше 22 години во тоа време, речиси на иста возраст како мене, а беше и нејзин деби албум. Оваа песна и овој момент вечерва имаат големо значење за мене. Ве молам дајте ѝ голем аплауз на Јосипа Лисац – ја најави Јаков музичката дива и заедно го изведоа евергринот „O једној младости“.
– Ти чудотворче, ти си тотално магичен. Го гледаш ли ова, Јаков, ги гледаш ли овие ластовички… Како долетаа кај тебе. Ова е реалност, ова е реалност… Поздрав до сите. Јаков, ги положи сите испити. Ги направи сите чуда. Твојата кариера навистина може да оди напред сега. Браво, браво – рече Јосипа.
Потоа дојде уште еден незаборавен момент – на сцената му се придружи поп-ѕвездата Весна Писаровиќ со хитовите „Нека људи говоре“ и „Долје на колена“.
– Знаеш колку сакав да ми бидеш гостин и конечно да пееме заедно. Голема чест и задоволство ми е што вечерва ја имам мојата Славонка – рече Јаков.
– Јаков е вистински славонец – топол и отворен, тоа го сакам кај него. Ова е шоуто на Јаков и му дозволив да избере кои песни ќе ги изведеме вечерва. Неописливо сум среќна за него – рече Весна.
Збогувањето на пејачот со публиката на крајот од концертот беше исто така емотивно.
– Не знам што да кажам по двете најпрекрасни вечери во мојот живот. Сето ова е одлично, животот продолжува по овие концерти, но никогаш нема да заспијам помирно знаејќи дека успеав да наполнам толку илјадници срца. Си одам дома да спијам на 20 години цврсто знаејќи во срцето дека сè што правам е добро, дека го правам од љубов и за подобар свет. Вие сте ми доволни, додека сте тука – ќе биде вака засекогаш – рече Јаков со солзи во очите, заблагодарувајќи им се на сите што дојдоа на неговиот настап.
По летната турнеја, Јаков го чека нова голема сцена во Хрватска – на 9 октомври ќе пристигне во салата „Крешимир Ќосиќ“ во Задар на Вишњик.