🎥 КИСЕЛА ВОДА СЕ РАКОВОДИ ОД ТЕРЕН, НЕ ОД КАНЦЕЛАРИЈА Отчет на Стаменкоска Трајкоска за една година градоначалнички мандат

Во својот отчет градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска посочи дека изминатиот период Општина Кисела Вода се зацврсти како ефикасен сервис кој испорачува реални резултати, без да маргинализира ниту една населба и населено место.

0

Уште од првиот ден од мандатот основен принцип на работа е општината да не се раководи од изолирана канцеларија, туку директно од терен, низ постојан, отворен и искрен дијалог со граѓаните, рече градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска, којс денеска го презентираше отчетот за сработеното во првата година од мандатот, под слоганот „Кисела Вода, заедно секој ден“.

– Управувањето со општината цврсто се темели на целосна законска издржаност, апсолутна транспарентност и брзо, ефикасно решавање на проблемите кои произлегуваат директно од секојдневните потреби на жителите – порача Стаменкоска Трајкоска.






Во својот отчет градоначалничката посочи дека изминатиот период Општина Кисела Вода се зацврсти како ефикасен сервис кој испорачува реални резултати, без да маргинализира ниту една населба и населено место. Како клучни достигнувања во делот на инфраструктурата ги посочи реализацијата на над 10 километри нов асфалт, поставувањето на 4,5 километри нова водоводна мрежа, како и изградбата на 1.200 метри атмосферска и 800 метри фекална канализација. Дополнително, на целата територија се заменети 4.900 стари светилки со ново ЛЕД осветлување.

Целосно се реконструирани сообраќајниците Ѓорѓи Димитров, Саса со сите нејзини краци во Пинтија, Томе Арсовски, Жил Верн, улиците 527, Герника, Речиште и дел од Киро Фетак. Во делот на подземната инфраструктура, изградена е нова водоводна мрежа на улицата Речиште” а еден од најзначајните проекти е почетокот на изградбата на новиот водовод со резервоар во населбата Каменик. Нов крак од фекалната канализација е изведен во Пинтија, во тек е изградба на фекална мрежа во Бабин Дол.Нова атмосферска канализација е поставена на улицата Томе Арсовски, паралелно со капиталната реконструкција на атмосферскиот Црн Канал во Драчево.

– Особено внимание е посветено на воведувањето нови стандарди во комуналната хигиена. Системски се исчистени над 100 диви депонии од кои се собрани повеќе од 150 тони отпад, а воведено е и континуирано подигнување на кабастиот отпад директно од домовите на граѓаните. За првпат се поставени специјализирани контејнери за селекција на текстилен отпад пред месните заедници, основните училишта и градинките, каде веќе се собрани над 10 тони – рече градоначалничката.

Отворени две нови градинки, „Верверичка“ и „Ѕвездички“, а изградбата на третата градинка во Расадник е во завршна фаза. Паралелно се реализира и доградба на нови училници во основните училишта „Невена Георгиева Дуња” и „Кирил Пејчиновиќ“.

Континуирано се модернизираат сите училишта, па така во ООУ „Партенија Зографски” комплетно се реновирани тоалетите, вклучувајќи и нов тоалет за инвалидни лица и е поставена е нова интернет мрежа. Во ООУ „Круме Кепески“ целосно е реновирана училишната кујна и трпезаријата, а во подрачното ООУ „Рајко Жинзифов“ во Пинтија е реализирана целосна енергетска реконструкција. За поддршка на семејствата, општината обезбеди 5.500 бесплатни комплети училишни униформи за сите основци и 550 целосно опремени ранчиња за сите првачиња.

„На планот на спортот, како круна на заложбите се издвојува целосната обнова на култната спортска сала „Расадник“, која по децении запоставеност им е вратена на граѓаните, проект реализиран преку Министерството за спорт. Покрај ова, пуштена е во употреба и новоизградената спортска сала во подрачното училиште „Круме Кепески“ во Припор, а паралелно, во соработка со Министерството за образование и наука, се гради новата сала во ООУ „Кузман Јосифовски Питу“ и во централните училишта „Круме Кепески“ и „Кузман Шапкарев“ се врши темелна реконструкција на спортските сали – вели Стаменкоска Трајкоска.

Општина Кисела Вода, додаде таа, покажа и силен капацитет во социјалната заштита преку исплата на 12.000 денари за секое новороденче, финансиска поддршка од 10.000 денари за возачки дозволи за матурантите, како и преку воведувањето на системски бесплатни логопедски, дефектолошки и психолошки услуги за децата во соработка со Асоцијацијата „ГАСПАР” и Здружението „Ајнштајн“. Дополнително, грижата за граѓаните и за енергетската ефикасност се потврдува преку редовните субвенции за набавка на пелети, печки на пелети, како и субвенции за обнова на фасади.

– Во сферата на културното наследство, при археолошките ископувања во соработка со Националниот археолошки музеј и Конзерваторскиот центар – Скопје, откриен е доцноантички полихромен мозаик на локалитетот Пеленица кај Драчево – рече таа.

Градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска упати особена благодарност за институционалното партнерство и поддршката, нагласувајќи дека ваквиот интензивен развој бара вистинска соработка. Таа изрази искрена благодарност до Советот на Општина Кисела Вода и до претседателката Светлана Колариќ, до сите советници кои недвосмислено го поддржаа растот на општината и застанаа зад добрите проекти, како и до општинската администрација, чиј труд и секојдневна посветеност ги реализираат овие процеси. Истакна и дека голем дел од овие проекти се изведени благодарение на силната и безрезервна поддршка од премиерот Христијан Мицкоски и Владата на Република Македонија, како и од градоначалникот Орце Ѓорѓиевски и Градот Скопје.

 

Поврзани содржини