ВНИМАНИЕ, ПАК СЕ ШИРАТ ЛАЖНИ КАЗНИ ОД „БЕЗБЕДЕН ГРАД“ Полицијата открива како да ги препознаете

МВР потсетува дека официјалните СМС-известувања за сообраќајни прекршоци од системот „Безбеден град“ имаат неколку задолжителни обележја. Министерството предупредува граѓаните да не внесуваат податоци од платежни картички, лозинки и други лични информации на непроверени веб-страници.

12

Граѓаните повторно добиваат лажни пораки за сообраќајни казни од системот „Безбеден град“, преку кои измамници се обидуваат да дојдат до нивните лични и банкарски податоци. Министерството за внатрешни работи (МВР) предупредува дека измамничките пораки зачестиле и апелира граѓаните да не отвораат сомнителни линкови.

Пораките пристигнуваат преку СМС, електронска пошта и социјалните мрежи. Во нив се тврди дека примателот направил сообраќаен прекршок и дека треба да плати казна.






„Станува збор за обиди за фишинг измами, при што преку лажни пораки и линкови се бара од граѓаните да пристапат до веб-страници и да внесат лични и банкарски податоци, со цел нивна злоупотреба“, соопшти МВР.

Министерството предупредува граѓаните да не внесуваат податоци од платежни картички, лозинки и други лични информации на непроверени веб-страници. Исто така, да не вршат уплати преку линкови добиени во сомнителни пораки.

МВР потсетува дека официјалните СМС-известувања за сообраќајни прекршоци од системот „Безбеден град“ имаат неколку задолжителни обележја.

„Официјалните СМС-известувања се испраќаат од испраќачот „MVR-SC“, задолжително ја содржат регистарската ознака на возилото со кое е направен прекршокот, а линкот води до официјалната веб-страница со домен safecountry.mvr.gov.mk“, наведува Министерството.

Секторот за компјутерски криминал при МВР презема мерки за откривање и санкционирање на лицата што стојат зад измамничките пораки.

Поврзани содржини