СОВЕТ ШТО НЕ БАРА СТРОГИ ДИЕТИ И ОДРЕКУВАЊА Кардиолог ја открива најважната прехранбена навика за долг живот

Промената на една намирница нема да направи голема разлика. Она што ќе направи разлика е почестото купување вистинска храна и подготвувањето сопствени оброци и ужини, објаснува кардиологот.

2

Патот до поздрав и подолг живот можеби не започнува со скапи суплементи, посебни диети или потрага по некоја чудотворна намирница, туку со нешто многу поедноставно – почесто да купуваме свежи производи и сами да ги подготвуваме оброците. Ова е главниот совет на американскиот кардиолог Дариуш Мозафаријан, директор на Институтот Food is Medicine при Универзитетот Тафтс.

Во разговор за магазинот „Parade“, Мозафаријан објаснува дека не е доволно само да исфрлиме една намирница од менито, туку е многу поважно почесто да купуваме вистинска, минимално преработена храна и, кога е можно, сами да ги подготвуваме оброците и ужините.






– Промената на една намирница нема да направи голема разлика. Она што ќе направи разлика е почестото купување вистинска храна и подготвувањето сопствени оброци и ужини – објаснува кардиологот.

Меѓу намирниците што особено ги препорачува се бобинките, јаткастите плодови, рибата и обичниот јогурт. Неговиот совет е секојдневно да се јаде по една шака бобинки и јаткасти плодови, како и една чаша обичен јогурт, додека рибата би требало да биде на менито неколку пати неделно. Тој не советува да се избегнуваат здравите масти, туку напротив – да се внесуваат преку растителни масла, авокадо, јаткасти плодови и масна риба.

Мозафаријан предлага и неколку едноставни замени во секојдневната исхрана. Наместо засладени житарки, крофни и печива за појадок, препорачува обичен јогурт со овошје и ореви или бадеми. Индустриските грицки може да се заменат со овошје, јаткасти плодови или зеленчук со хумус, а кога ќе посакаме нешто благо, добра алтернатива е темно чоколадо со најмалку 70 отсто какао.

Тој предупредува и дека не треба да се верува на секој производ што се рекламира како здрав само затоа што содржи многу протеини. Според него, високо преработените протеински производи се преценети, а за луѓето што не практикуваат редовно вежби за сила, дополнителното внесување протеини можеби нема да донесе голема корист. Подобро е хранливите материи да се добиваат од природни намирници.

Kардиологот и самиот за појадок често избира смути од банана и путер од кикиритки или јогурт со бобинки и јаткасти плодови. За ручек јаде супа од зеленчук или салата со наут, козјо сирење и јаболка, додека за вечера подготвува лосос со ориз и зеленчук или тортиља со грав, сирење и авокадо. Меѓу оброците јаде овошје, јаткасти плодови и темно чоколадо.

– Ја сакам храната. Не бројам калории, не ги избегнувам мастите и сметам дека здравата исхрана не значи откажување од вкусот и задоволството – заклучува кардиологот.

Неговата порака е дека здравите навики не мора да бидат комплицирани, ниту да значат постојано одрекување од омилената храна.

Поврзани содржини