🎥 КАВГИ И НАВРЕДИ ВО РАСПРАВАТА ЗА ЗАКОНОТ ЗА ПРАВИЧНА ЗАСТАПЕНОСТ Пратеничката Петкоска ја нарече колешката Тренчевска „кокошка“
Со меѓусебно довикување од говорницата, а подоцна и во салата, поранешниот претседател на Парламентот Талат Џафери и актуелната потпретседателка Весна Бендевска меѓусебно се критикуваа кој како ги водел седниците.
Предлог-законот за правична и соодветна застапеност беше ставен на дневен ред на денешната 111-та собраниска седница, меѓутоа не дојде на ред да се отвори расправа за ова законско решение, кое во изминатиот период предизвика силна поларизација пред се во албанскиот политички блок.
Со обвинувања за кршење на деловникот, меѓусебни довикувања, паузи – одлучувањето за законот за правична застапеност ја вжешти атмосферата во Парламенот. Притоа паднаа и навредливи зборови.
На собраниска комисија, пратеничката Лидија Петкоска, во обраќање кон пратеничката на СДСМ, Јована Тренчевска, употреби навредлив израз, нарекувајќи ја „кокошка“.
– Само два аргументи за колешката Јована Тренчевска, која скокаше тука како кокошка тука…, кажа народната избраничка на Комисијата, на што следеа бурни реакции од присутните, а дел од нив потсетија дека пред само неколку дена пратениците го потпишаа Кодексот на однесување на пратениците во Собранието.
ДУИ жестоко реагира дека власта сака „шверцерски“ да го донесе законот и без образложение го одложува гласањето, иако се присутни пратениците од немнозинските заедници. ДУИ обвини за кршење на Деловникот на Собранието и бара законот да биде веднаш ставен на одлучување или јасно да се одреди денот и часот кога тоа ќе се случи, за сите пратеници да бидат тука, бидејќи се носи со Бадентерово мнозинство.
Потпретседателката на Собранието Весна Бендевска која го менува претседателот Африм Гаши, рече дека деловникот ја дозволува можноста гласањето да биде одложено. Со меѓусебно довикување од говорницата со поранешниот претседател на Парламентот Талат Џафери и Весна Бендевска се критикуваа кој како ги води седниците.
Со процедурални забелешки албанската опозиција не дозволи да се продолжи со дебата и гласање по другите закони од дневниот ред, додека не се гласа за Законот за правична застапеност.
Имено, по укинувањето на „балансерот“, актуелната Влада на ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН отпочна процес за изготвување на законско решение за дефинирање на одредени правила во однос на правичната и соодветната застапеност, што претставува уставен принцип, меѓутоа тоа предизвика жестоки реакции од албанската опозиција предводена од ДУИ.
Во таа насока, најсилни критики кон ова законско решение упатуваше потпретседателот на ДУИ и поранешен вицепремиер и министер, Бујар Османи, кој во една прилика дури изјави дека пратениците на ДУИ мора да најдат начин да го спречат донесувањето на овој закон, па дури, „ако е неопходно, и да применат физичка сила“.
Од власта реагираа дека изјавите на Османи се дел од политичкиот фолклор и воедно порачаа дека законот за правична застапеност е дел од владиниот коалициски договор и тој наскоро ќе биде усвоен.
Покрај останатото, со ова законското решение е предвидено при вработување во администрацијата граѓаните доброволно да се изјаснуваат за етничката припадност, но може и да не се изјаснат на која заедница и припаѓаат. А, за да се спречи злоупотреба од арбитрарно изјаснување, се земаат личните документи на граѓаните, односно личното име запишано во лична карта или во друга јавна исправа издадена од надлежен орган.
Ако се утврди злоупотреба, пак, кандидатот ќе биде одбиен за тој оглас и не ќе може да се пријави на оглас во следните три месеци. Патем, се предвидува и дека, доколку двајца кандидати од различни етникуми конкурирале и имаат еднакви квалификации, предност ќе има кандидатот од етникумот кој не е или е минимално застапен во одредена институција.
Инаку, посебно координативното тело го следи и го оценува спроведувањето на правата на граѓаните што им припаѓаат на сите заедници, како и состојбата на меѓуетничките односи во јавниот сектор. На барање на ова тело, сите надлежни органи се должни во рок од 30 дена од приемот на барањето да достават податоци и информации поврзани со состојбата со застапеноста на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници.
Според одлуката на Комитетот за односи меѓу заедниците донесена минатиот месец, за донесување на овој закон е потребно и мнозинство од припадниците на заедниците, но не мнозинство од вкупниот број на пратеници од редовите на заедниците (голем Бадентер), туку мнозинство од присутните пратеници од редовите на „помалите“ етнички заедници (мал Бадентер).