КАМИОН СО ЖЕЛЕЗНИ ПРОФИЛИ НОСЕЛ 79 КИЛОГРАМИ МАРИХУАНА Шверцот запрен на Дојран, пет лица приведени
Марихуаната била претоварена во камион натоварен со железни профили, откако возилото влегло во Македонија. Пратката требало да продолжи кон Грција, а крајната дестинација била турскиот пазар.
Пет лица се приведени откако Царинската управа разби меѓународна криминална група осомничена за нелегална трговија со дрога, при што бил спречен обид за транспорт на 79 килограми марихуана кон турскиот пазар.
Дрогата била откриена во камион на граничниот премин Дојран, на излез од државата. Камионот го управувал државјанин на Босна и Херцеговина, кој бил приведен откако царинските мобилни тимови го пресретнале возилото.
Според истрагата, камионот претходно влегол во Македонија натоварен со железни профили, кои требало да ги транспортира до Грција. Во меѓувреме, по претходен договор со лица од Македонија, на однапред договорена локација во камионот била претоварена марихуаната.
Откако дрогата била внесена во возилото, камионот бил пломбиран со пломба која возачот ја имал кај себе. Тој потоа продолжил кон Грција, но бил пресретнат на граничниот премин Дојран од мобилните царински единици.
Марихуаната била запленета, а возачот бил приведен. Одделението за истраги при Секторот за контрола и истраги, во соработка со ОЈО ГОКК, потоа започнало предистражна постапка за откривање на сите лица поврзани со шверцот.
Истрагата следела по разузнавачка информација од Одделението за разузнавање, по што мобилните тимови на Одделението за оперативни работи презеле оперативни дејствија.
Царинската управа соопшти дека против петте лица е поднесена кривична пријава за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.
Од Царинската управа велат дека случајот е резултат на разузнавачки и оперативни активности и на предистражната постапка насочена кон откривање на целата криминална група.