ИЗРАЕЛ ЈА НАПАДНА ГАЗА, КРАЈ НА ПРИМИРЈЕТО? Најмалку 200 лица загинаа во ненадејните воздушни напади
Палестинското движење Хамас го обвини Израел за кршење на прекинот на огнот и предупреди дека ова ги остава во неизвесна судбината на 59-те заложници кои сè уште се наоѓаат во Газа.
Најмалку 200 лица загинаа во израелски воздушни напади врз Појасот Газа, соопштија палестинските здравствени власти, откако рано утрово беа погодени десетици цели во енклавата, со што беше ставен крај на неколкунеделниот обид за продолжувањето на прекинот на огнот, кој ги запре борбите во јануари.
Според извештаите, нападите погодиле повеќе населени места, вклучувајќи го северниот дел на Газа, градот Газа, како и подрачјата Деир ал-Бала, Кан Јунис и Рафа во централниот и јужниот дел на енклавата.
Здравствените власти во Газа соопштија дека меѓу загинатите има голем број деца.
Палестинското движење Хамас го обвини Израел за кршење на прекинот на огнот и предупреди дека ова ги остава во неизвесна судбината на 59-те заложници кои сè уште се наоѓаат во Газа.
Израелските одбранбени сили изјавија дека погодиле десетици цели и најавија дека нападите ќе продолжат „онолку долго колку што е потребно“ и нема да бидат ограничени само на воздушни удари, што укажува на можност за повторно активирање на копнените операции.
Во меѓувреме Либан и Сирија постигнаа договор за прекин на огнот по дводневните трансгранични судири, објавија министерствата за одбрана на двете земји.
Границата меѓу двете земји е жариште на тензии по соборувањето на сирискиот претседател Башар ал Асад пред три месеци. Во конфликтот загинаа тројца војници од новоформираната сириска армија и седум либански граѓани, а најмалку 52 лица се повредени, соопшти либанското Министерство за здравство.