ИТАЛИЈА ЗАБРАНИ НОСЕЊЕ БУРКА И НИКАБ ВО УЧИЛИШТАТА Во одделенијата може да има максимум една третина странски ученици
Тоа се разумни мерки кои не разделуваат, туку, напротив, поттикнуваат вистинска интеграција, спречуваат создавање 'гето-одделенија' и гарантираат еднакви можности за сите ученици – рече премиерката Мелони.
Владата на Италија одобри указ со кој се воведува ограничување од 30 отсто за бројот на странски ученици во одделенијата во основните училишта, како и забрана за носење бурка и никаб во училишните објекти, јави АНСА. Според нацрт-указот, прекршувањето на забраната може да се казни со глоба до 1.000 евра.
Мерките претходно ги најави италијанската премиерка Џорџа Мелони за време на настан на младинското движење на нејзината партија „Браќа на Италија“.
– Ограничување од 30 отсто на бројот на ученици во одделението кои не го владеат италијанскиот јазик на доволно добро ниво, повеќе алатки за изучување на нашиот јазик и забрана на бурките и никабите во училиштата. Тоа се разумни мерки кои не разделуваат, туку, напротив, поттикнуваат вистинска интеграција, спречуваат создавање ‘гето-одделенија’ и гарантираат еднакви можности за сите ученици. Ова е патот по кој имаме намера да продолжиме – училишен систем кој интегрира без да се откажува од правилата, ги поддржува оние кои се соочуваат со најголеми предизвици и на сите им дава можност да започнат од иста почетна позиција“, нагласи Мелони по одобрувањето на указот.
Потоа, министерот за образование Џузепе Валдитара, по седницата на Советот на министри, појасни дека нацрт-указот предвидува глоби од 200 до 1.000 евра за родителите кои нема да го совладаат италијанскиот јазик.
– Сите меѓународни истражувања покажуваат дека учеството на родителите во образовниот пат на детето е од клучно значење за неговиот успех во училиштето; постојат и податоци и препораки од ОЕЦД во оваа насока. Одлучивме дека во случаи на сериозни тешкотии со интеграцијата во училиштето треба да ги поттикнеме родителите да го изучуваат јазикот. Училиштата ќе бидат обврзани да ги известуваат социјалните служби за таквите случаи, кои потоа ќе организираат програма за изучување италијански јазик за родителите. Незавршувањето на програмата ќе доведе до глоби од 200 до 1.000 евра – изјави Валдитара.
Според агенцијата АНСА, во првичниот нацрт на указот било предвидено малолетното дете да може да им биде одземено на родителите доколку не го исполнат ова барање, а таквата можност сè уште е наведена и во актуелниот текст на указот.