ИЛЧО ЃОРЃИОСКИ ДОБИ 30-ДНЕВЕН ПРИТВОР Исто толку доби и финансовата на ФФМ
Обвинет е и Муамед Сејдини, наследникот на Ѓорѓиоски на чело на ФФМ, кој се сомничи за проневера на околу 1 милион евра, но тој веќе е во притвор за друго дело.
Поранешниот претседател на ФФМ Илчо Ѓорѓиоски доби 30-дневен притвор од судијата на претходна постапка, поради обвинението поднесено за него од Обвинителството за гонење на организиран криминал за наводна проневера на околу 2 милиони евра.
Иста мерка притвор од најмалку 30 дена доби и Олгица Младеновска, раководителка за финансиите за време на неговиот мандат, која исто така е меѓу осомничените за овој криминал.
„Првоосомничениот, во својство на претседател на ФФМ, (се мисли на Ѓорѓиоски – н.з.) заедно и по претходен договор со осомничената раководителка на Одделението за финансии и сметководство (се мисли на Младеновска – н.з.), во периодот од 1 јануари 2015 година до 25 јули 2018 година, преку повеќе временски поврзани дејствија, со намера да прибават противправна имотна корист за себе и за други лица, присвоиле парични средства доверени во службата во вкупен износ од 127.451.156 денари“, се вели во соопштението на Обвинителството.
Обвинет е и Муамед Сејдини, наследникот на Ѓорѓиоски на чело на ФФМ, кој се сомничи за проневера на околу 1 милион евра, но тој веќе е во притвор за друго дело. Притвор се бара и за шест други лица опфатени со обвинението, како и мерки за претпазливост за уште четворица. Сејдини веќе е во притвор поради пријавата за проневера на 700.000 евра од фондот наменет за изградба на стадионот во Охрид.