📽️ ХАОС ВО ТИРАНА, КОРНЕА ОГРАДИ И ВАДЕА ПЛОЧКИ ОД ТРОТОАРИТЕ Полицијата употреби воден топ и солзавец, 13 лица побарале помош

Студентите протестираа против високите трошоци за образование и лошите услови на јавните универзитети, но собирот ескалираше во судири со полицијата. Според албанското Министерство за здравство, 13 лица побарале медицинска помош.

99

Студентскиот протест во албанскиот главен град Тирана прерасна во жестоки судири со полицијата, откако демонстрантите искорнаа метални огради, вадеа плочки од тротоарите и кршеа прозорци на зградата на Министерството за образование. Полицијата употреби воден топ, солзавец и бибер-спреј за да ја растера толпата, а по интервенцијата приведе поголем број учесници.

Во инцидентите биле повредени повеќе лица. Според албанското Министерство за здравство и социјална заштита, вкупно 13 лица побарале медицинска помош во Универзитетскиот болнички центар „Мајка Тереза“ и во Универзитетската болница за трауматологија. Меѓу нив имало демонстранти, новинари, полицајци и случајни минувачи.






Протестот почнал во попладневните часови, околу 14 часот, на булеварот „Маченици на нацијата“, а потоа се преселил пред седиштето на Министерството за образование. Собирот првично поминувал без поголеми инциденти, но ситуацијата се вжештила кога дел од демонстрантите почнале да ги корнат металните огради поставени покрај тротоарот пред институцијата.

Според снимките објавени од албанските медиуми, дел од демонстрантите со покриени лица почнале да фрлаат предмети кон зградата на Министерството. Најпрво летале јајца и шишиња, а потоа учесниците на протестот почнале да вадат тротоарски плочки и камења, кои ги користеле за да ја гаѓаат институцијата.

Една од портите на оградата била урната, а неколку демонстранти успеале да влезат во дворот на Министерството. Притоа биле искршени и неколку прозорци на зградата.

Од толпата се слушале извици „Оставка“ и „Ви дојде крајот“, додека тензиите продолжиле да растат.

Околу 15 часот полицијата интервенирала за да ги растера демонстрантите. Најпрво бил употребен воден топ, а на снимките се гледаат силни млазови вода што ја зафаќаат улицата додека полициските службеници во формација се обидуваат да ја оддалечат толпата од влезот на институцијата.

Според медиумските извештаи, полицијата употребила и солзавец и бибер-спреј. Демонстрантите, пак, фрлале петарди, пиротехнички средства и факели.

По полициската интервенција следувале приведувања на поголем број учесници. Во моментот на објавување на извештаите не бил потврден точниот број на приведени лица.

Албанското Министерство за здравство и социјална заштита соопштило дека 13 лица побарале медицинска помош во двете болници.

Тројца демонстранти се пожалиле на здравствени проблеми по изложувањето на солзавец. Двајца биле пуштени по лекарските прегледи и консултации, додека третото лице било подложено на дополнителни испитувања во одделението за итна помош.

Медицинска помош побарале и двајца претставници на медиумите. По соодветните прегледи и консултации, двајцата биле пуштени од болница. Според соопштението, нивните повреди не биле опасни по живот.

Шестмина полицајци, кои се здобиле со повреди од остри предмети, главно на рацете и нозете, исто така добиле медицинска помош. По укажаната нега биле пуштени од болница, бидејќи нивните повреди не го загрозувале животот.

Помош побарале и двајца случајни минувачи. Едниот бил задржан во болница и требало да остане под лекарски надзор, додека состојбата на другиот била следена од медицинскиот персонал.

Организаторите соопштиле дека протестот бил организиран поради условите на јавните универзитети, високите трошоци за образование, недостигот од финансиска поддршка и слабите перспективи за вработување по дипломирањето.

Демонстрантите барале подобри услови за студирање и намалување на трошоците на јавните универзитети. Дел од нив, меѓутоа, го прошириле незадоволството и на работата на владата, барајќи оставка од премиерот Еди Рама, нови избори и формирање преодна влада.

– На Албанија ѝ треба револуција, промена, целосно уривање на системот, бидејќи вака повеќе не може – изјавила Љуљета Кола, пренесува Ројтерс.

Иако протестот започнал како студентски собир, за помалку од еден час прераснал во насилни судири, зад кои останале урнати огради, искршени прозорци и оштетени тротоари. Надлежните органи треба да ги утврдат сите околности на инцидентите и бројот на приведени учесници.

Поврзани содржини