📽️ ТИРАНА ВО ХАОС НА ДЕНОТ НА НЕЗАВИСНОСТА Албанци од цела Европа допатуваа да бараат оставка од Рама

Осуммина се повредени во новите судири меѓу демонстрантите и полицијата. Антивладините протести во Албанија траат веќе 181 ден.

10

Илјадници демонстранти денеска излегоа на улиците на Тирана со барање за оставка од премиерот Еди Рама. Албанци од целата земја и од дијаспората пристигнаа во главниот град на 114-годишнината од прогласувањето на независноста на Албанија.

Полицијата употреби солзавец и водени топови, додека демонстрантите фрлаа камења и молотови коктели, објави хрватскиот „Јутарњи лист“.






Демонстрантите повеќе од 2 часа се собираа на плоштадот „Скендербег“. Оттаму се упатија кон зградата на премиерот, кршејќи прозорци на поранешниот хотел „Дајти“, во кој денес се наоѓа Банката на Албанија.

Пред седиштето на Рама дојде до нови судири со полицијата.

Според Министерството за здравство на Албанија, повредени се 5 демонстранти, 2 новинари и еден полицаец. Еден од повредените новинари е странски државјанин.

„Како да сме граѓани без држава“

Меѓу демонстрантите има Албанци кои специјално за протестот допатувале од европските земји во кои живеат.

– Дојдов тука исклучиво за протестот. Зошто? Затоа што страдаме предолго. Се распрснавме низ цела Европа и светот и речиси како да сме граѓани без држава – изјави 33-годишниот Аријан Љеши, кој пристигнал од Велика Британија.

Според него, политичките партии кои дејствуваат во Албанија од падот на комунизмот веќе не ги претставуваат граѓаните. Тој смета дека треба да ѝ отстапат место на новата генерација.

 

 

Меѓу демонстрантите на плоштадот имаше и голем број студенти.

– Излеговме на улиците да ги бараме нашите права. Ни е преку глава. Животот стана многу тежок. Повикуваме на промена во целиот систем – рече студентката Јуна Васили.

Пензионерката Сузана Ѓета вели дека протестира во име на младите, но и на пензионерите кои, како неа, живеат со 120 евра месечно.

– Се надеваме дека овој систем ќе исчезне, дека Еди Рама ќе исчезне и дека корупцијата конечно ќе престане – рече Ѓета.

Сè започна со проектот поврзан со зетот на Трамп

Антивладините протести во Албанија започнаа кон крајот на мај. Првично беа насочени против изградбата на голем луксузен туристички комплекс на јужниот брег на земјата.

Проектот е поврзан со инвестициска компанија основана од Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател Доналд Трамп.

Протестите станаа познати под името „Движење Фламинго“. Во септември на улиците масовно излегоа и студентите, барајќи подобро образование и повисок животен стандард.

Студентите во неколку наврати ги одбија поканите на Рама за дијалог. Демонстрантите сега бараат негова безусловна оставка и најавуваат продолжување на протестите до исполнувањето на нивните барања.

Поврзани содржини