ХАЛК ВЕЛО ГРИН – ВЕЛОСИПЕДСКА ТРКА НА 8 СЕПТЕМВРИ ВО МАВРОВО Учесниците ќе се натпреваруваат во неколку категории
На 8 септември, Маврово повторно ќе стане центар на велосипедизмот и активниот животен стил. Халкбанк по седми пат ја организира хронометарската велосипедска трка Халк Вело Грин, која и оваа година ќе ги обедини рекреативците, професионалните велосипедисти, децата, младите и сите љубители на природата во еден ден исполнет со спорт, дружење и позитивна енергија.
Халк Вело Грин одамна прерасна во повеќе од спортски настан. Таа е дел од платформата ХалкЕко, преку која Халкбанк континуирано ги промовира здравите животни навики, активниот начин на живот и грижата за животната средина, поттикнувајќи што повеќе луѓе да изберат одржливи начини на движење и рекреација.
И оваа година учесниците ќе можат да се натпреваруваат во неколку категории. Категоријата Хоби е наменета за сите рекреативни и професионални велосипедисти, во машка и женска конкуренција, со дополнителни возрасни подкатегории за учесници од 40 до 49 години, од 50 до 59 години и над 60 години.
Посебно внимание повторно е посветено на најмладите. Во категоријата Деца ќе учествуваат велосипедисти родени во 2012 година и помлади, додека во категоријата Млади ќе се натпреваруваат учесници родени во периодот од 2008 до 2011 година.
Покрај индивидуалниот натпреварувачки дух, Халк Вело Грин нуди можност и за тимско рангирање, па компаниите, спортските клубови, здруженијата или групите пријатели можат заедно да ја почувствуваат атмосферата на ова уникатно велосипедско доживување.
Стартот и целта на трката ќе бидат поставени на големиот паркинг пред спортската сала во Маврово. Патеката е долга 22 километри за категориите Хоби и Млади, односно 12 километри за категоријата Деца.
Пријавувањето се одвива преку платформата www.trki.mk и ќе трае до 31 август 2026 година, освен доколку предвидениот број учесници не се пополни порано. Бројот на натпреварувачи е ограничен, а котизацијата за учество изнесува 800 денари.
Во духот на вредностите што ги промовира Халк Вело Грин, сите средства собрани од котизациите ќе бидат наменети за хуманитарна и општествено корисна цел.
Најдобрите натпреварувачи ќе бидат наградени со вредни парични награди. Во категоријата Хоби, победниците во машка и женска конкуренција ќе освојат 15.000 денари за прво место, 10.000 денари за второ и 5.000 денари за трето место. Во категоријата Деца, наградите изнесуваат 8.000 денари за прво, односно 5.000 и 3.000 денари за второ и трето место, додека во категоријата Млади, прво и второпласираните ќе добијат по 5.000 денари, а третопласираните 3.000 денари. За најуспешните три тима се предвидени дипломи и медали, како признание за тимскиот дух и заедничкиот успех.
Со Халк Вело Грин, Халкбанк уште еднаш испраќа порака дека спортот, здравите навики, грижата за природата и солидарноста можат да се спојат во еден настан што секоја година инспирира сè поголем број учесници.