🎥 ГОЛЕМ ПОЖАР БЕСНЕЕ ВО СТРУМИЦА Огнот со голема брзина се шири кон Софилари, загрозени се куќите во селото Баница

Мобилизирани се сите пожарникари од Струмица кои се обидуваат да го локализираат пожарот и да спречат тој да стигне до куќите и другите објекти.

258

Голем пожар беснее во близина на градот Струмица, експресно наближува до месноста Софилари.

Мобилизирани се сите пожарникари од Струмица кои се обидуваат да го локализираат пожарот и да спречат тој да стигне до куќите и другите објекти.






Напомош пристигнуваат и пожарникари од други градови. Мобилизирана е и струмичката полиција.

Директорот на Центар за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов објасни дека пожарот е настанат на стрниште, но дека силниот ветер го отежнува и го оневозможува гаснењето.

– На терен се екипите на ТППЕ Струмица, Радовиш, Валандово и на Богданци. На терен е и градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов. Јас во моментов сум на пат кон Струмица – изјави Ангелов.

Според командирот на ТППЕ Струмица, Александар Гудев, пожарот почнал да се шири и кон патот Струмица-Радовиш, во правец на селото Василево.

Ангажирани се сите капацитети на ТППЕ Струмица, а на помош се повикани и пожарникари од блиските градови, кои пристигнаа и се вклучија во гаснењето. Пожарот е многу голем и преземаме се што е во наша моќ да не дозволиме уште повеќе да се шири, но засега силниот ветар ни ја отежнува работата, кусо изјави за МИА, Гудев.

Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, кој и самиот се вклучи во гаснењето, пред малку информираше дека пожарот е локализиран на струмичка страна и повеќе нема опасност за куќите во селото Баница.

„Благодарност до екипата на ТППЕ и секој струмички пожарникар и до сите кои се вклучија во гаснењето. Пред неколку недели реков дека ги знаеме и дека ги гониме оние кои подметнуваат пожари. Лично ќе се заложам до крај сите да одговараат“, објави на неговиот Фејсбук профил.

Инаку, неофицијално пожарот избувнал на повеќе места одеднаш.

Поврзани содржини