📷 ЕКСПЛОЗИЈА ПРЕД ЛУКСУЗНА ЗГРАДА ВО МОНАКО Повреден е еден од најбогатите Украинци

Експлозија пред луксузна станбена зграда го вознемири Монако, а истрагата се насочува кон можен криминален напад. Според локалните медиуми, меѓу тројцата повредени е украинскиот бизнисмен Вадим Јермолаев, кој во моментот на експлозијата се враќал дома со своето семејство.

4

Три лица се повредени во експлозија пред станбена зграда во Монако, а според француските медиуми меѓу нив е и украинскиот бизнисмен Вадим Јермолаев. Властите истражуваат дали станува збор за планиран напад од криминалци, додека полицијата трага по лице снимено како бега непосредно пред детонацијата.

Властите официјално не ги потврдија идентитетите на жртвите, но медиумите објавуваат дека две лица се во критична состојба.






Ранец, детонација и бегство

Експлозијата се случила околу 21 часот на влезот од станбена зграда во близина на француската граница.

Според информациите што ги објавија француските медиуми, безбедносните камери снимиле лице како остава ранец пред зградата, а потоа се оддалечува од местото.

Кратко потоа следувала силна експлозија. Фотографиите објавени во медиумите покажуваат маж со црна капа како трча во близина на местото на настанот.

Истражителите веруваат дека осомничениот избегал пеш кон францускиот град Босолеј.

 

Монако на нозе

Претседателот на владата на Монако, Кристоф Мирманд, потврди дека тројцата повредени биле пренесени во болница.

Тој не сакаше да шпекулира дали станува збор за терористички или за друг вид напад, но нагласи дека ваков инцидент досега не бил забележан во кнежевството.

На терен биле ангажирани околу 50 пожарникари и повеќе од 80 полицајци.

Во потрагата се вклучиле и француските служби, а во тек е заедничка операција на полициите на Франција и Монако.

„Шок за целата заедница“

Принцот Алберт Втори во текот на ноќта излезе со соопштение во кое експлозијата ја опиша како „криминален чин“.

„Ова е шок за целата заедница во Монако“, порача принцот, најавувајќи целосна мобилизација на институциите за пронаоѓање на одговорните.

Поддршка за службите за итни случаи испрати и градоначалникот на Ница, Ерик Чоти, кој инцидентот го нарече трагедија што го погодила Монако.

Поврзани содржини