ИСТОРИСКИ ДЕН ЗА МАКЕДОНСКИОТ ТЕНИС Ѓорческа напладне на мегдан со ланската финалистка на Вимблдон
Македонската тенисерка по трите победи во квалификациите денеска ќе дебитира во главниот жреб на Вимблдон, каде ќе се соочи со шестата носителка Аманда Анисимова.
Најдобрата македонска тенисерка Лина Ѓорческа денеска ќе го има своето историско деби во главниот жреб на еден Гренд слем турнир. Точно напладне, на Вимблдон, таа ќе се соочи со шестата носителка и ланска финалистка, Американката Аманда Анисимова.
Ѓорческа пласманот во главниот жреб го обезбеди преку квалификациите, каде оствари три импресивни победи.
Во првото квалификациско коло ја совлада Шпанката Анхела Фита Болуда со 2-0 во сетови (6:2, 6:4). Потоа следуваше триумф над Португалката Франциска Жорже со 2-1 (5:7, 6:2, 6:1), откако по загубениот прв сет направи целосен пресврт и убедливо ги освои следните два.
Во решавачкиот меч за пласман во главниот жреб, македонската тенисерка доминираше против Италијанката Лаура Бронцети, славејќи со убедливи 2-0 во сетови (6:1, 6:2).
Нејзина прва противничка во главниот жреб ќе биде Аманда Анисимова, која минатата година играше во финалето на Вимблдон и годинава настапува како шеста носителка.
Американката во пресрет на турнирот одигра само два официјални меча на турнирот во Квинс, каде беше елиминирана во четвртфиналето. Потоа накратко се врати во Соединетите Американски Држави, потег што го оцени како добар, особено поради повредата на зглобот што ја мачеше за време на сезоната на земјена подлога.
Натпреварот меѓу Ѓорческа и Анисимова ќе го отвори денешниот распоред на теренот број 2, а почетокот е закажан за 12 часот по македонско време со телевизиски пренос на каналот Арена М2 Премиум.