ЕДНО ЛИЦЕ НАЈДЕНО МРТВО ВО УРНАТИНИТЕ ПО ЕКСПЛОЗИЈАТА ВО АТИНА Се трага по уште петмина, можно е тројца да биле американски туристи
Во текот на ноќта, како што информираа од противпожарната служба на Грција, беше пронајдено и извлечено безживотното тело на едно лице од првиот кат на објектот, неофицијално станува збор за жена, а потрагата продолжува со несмален интензитет.
Безживотното тело на едно лице беше пронајдено и извлечено од урнатините по вчерашната експлозија во двокатна зграда во атинската населба Плака, а веќе над 24 часа, продолжува операцијата за пребарување на останатите петмина исчезнати.
Експлозијата се случи во петокот околу 7.45 часот, веројатно од истекување на природен гас, а според последните неофицијални информации од Грција, во зградата што целосно се урна, имало шест лица: повозрасен брачен пар кој живеел на вториот кат и четворица туристи на првиот што функционирал како Ер-Би-Ен-Би.
Во текот на ноќта, како што информираа од противпожарната служба на Грција, беше пронајдено и извлечено безживотното тело на едно лице од првиот кат на објектот, неофицијално станува збор за жена, а потрагата продолжува со несмален интензитет.
Вклучени се 30 пожарникари со шест возила, од кои две специјализирани спасувачки возила, како и три кучиња за пребарување и спасување.
Операцијата траеше цела ноќ, а продолжува и денеска со отстранување на урнатините.
Во текот на вчерашниот ден привремено се прекинуваше отстранувањето и пренесувањето на материјалот, како и секоја бучава, за да им се олесни работата на спасувачите кои користеа специјални геофони за детектирање звуци под урнатините, а се користеа и специјални камери за откривање и пронаоѓање на лица, додека специјално обучените кучиња се користеа секогаш кога беше неопходно.
Противпожарната служба, активираше протокол за потрага и спасување што се користи во случај на земјотрес.
Во однос на исчезнатите лица, не постојат официјални информации, во текот на вчерашниот ден се споменуваа петмина исчезнати, односно брачниот пар на едниот и тројца туристи на другиот кат, иако и за туристите постоеше надеж дека можеби порано го напуштиле станот и заминале за аеродром, со оглед на тоа што вчера им завршувал одморот и требало да се одјават.
Веројатно е дека станува збор за американски туристи, кои според грчките медиуми, не биле во вчерашниот лет од Атина за САД.
Од доцна синоќа, бројката се зголеми на шестмина, нешто што го потврди и градоначалникот на Атина Харис Дукас при неговата посета на местото каде што се урна зградата.
Па така, според неофицијалните информации странските туристи се четворица, а не тројца.
Експлозијата била толку силна што се слушнала и на околните улици и жител на населбата коментираше дека помислил дека станува збор за напад со бомба, додека пак Абдул, кој со автомобилот поминувал пред двокатната зграда за време на експлозијата раскажа дека откако се скршиле прозорците, автоматски се заклучиле вратите, морал преку прозорец да го напушти возилото и како што рече, да трча и да бега.
– Бев во автомобилот и токму кога поминував овде се случи експлозијата. Воопшто не сфатив што се случува. Како што гледате, автомобилот беше погоден, се тресеше и сè околу мене почна да се распаѓа. Слушнав само многу силна експлозија. Едно „бам!“. Автомобилот се крена во воздух. Се скрши стаклото. Се обидов да излезам од автомобилот и да се спасам, но не се отвораше вратата. Автомобилот се изгасна, бидејќи е електричен. Излегов низ прозорецот и веднаш почнав да трчам – раскажа Абдул за МИА.
Веднаш по експлозијата три лица беа евакуирани со лесни повреди, од кои двајца од соседен објект и еден случаен минувач.
Експлозијата се случи во една од најпрометните атински населби и најпопуларната туристичка локација, во непосредна близина на Акропол.