ЌЕ СЕ ГРАДИ ОПШТИНСКА ЗГРАДА НА ИДНИНАТА Герасимовски ја отвори изложбата со проектите, еве ги трите предлози за новиот објект

Трите најдобрите архитектонски решенија нудат современ дизајн, подземен паркинг и енергетска ефикасност.

265

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, ја отвори архитектонската изложба „Општина за нас“ во КСП Центар – Јадро, каде граѓаните ќе можат да ги разгледаат најдобрите идејни решенија за новата општинска зграда.

На настанот беа претставени трите најдобри архитектонски проекти, избрани преку транспарентен конкурс, а Герасимовски истакна дека оваа нова визија за современа, отворена и функционална општина наскоро ќе стане реалност.






– Наша цел не е само изградба на нова административна зграда, туку создавање функционален простор кој ќе одговори не само на потребите на вработените, туку и на граѓаните. Комплексот ќе биде модерен, енергетски ефикасен, со подземен паркинг за околу 300 возила и простор за 100 велосипеди, конечно решавајќи го долгогодишниот проблем со паркирањето во централното градско подрачје – изјави Герасимовски.

Трите најдобри решенија добија парични награди

Првата награда ја освои идејното решение под шифрата „НАМАТ“, на авторскиот тим составен од Нина Карангелеска-Тодоровска, Сара Ничота, Милена Шундовска Четелева и Кристијан Ристовски. Тие добија парична награда од 750.000 денари.

Втората награда ѝ припадна на проектот под шифра „ЧКЛАБ“, дело на авторите од ПЛАТФОРМА ДОО Скопје – Емил Јегени, Елена Икономов, Веле Богоевски, Јасна Милојковиќ Муратовска, Ана Галевска Момировска, Јосиф Николовски, Ѓоре Миров и Матеа Јегени, за што добија 400.000 денари.

Третата награда ја освои идејното решение под шифра „СЦЕНА“, создадено од Митко Хаџи-Пуља, Никола Стрезовски, Христина Саљамовска-Трајкова и Теодора Илиевска, со награда од 300.000 денари.

Изложбата останува отворена во наредните седум дена, овозможувајќи им на граѓаните да се запознаат со идниот современ изглед на Општина Центар.

Поврзани содржини