ЌЕ ПОЕВТИНИ ЛИ ХРАНАТА ВО ЈУЛИ? Владата и маркетите си дадоа задача да ги намалат цените под 3%

Премиерот вели дека средбите со инволвираните во трговијата со основни прехранбени производи и контролата од пазарниот инспекторат е со цел да се види што е тоа што креира состојба на раст на цените. 

0

Годишната стапка на промена на цените на основните прехранбени производи во јули да биде под 3%. Таа цел е дефинирана на вчерашната средба во Владата со претставници на најголемите синџири на маркети, а во таа насока, како што најави денеска премиерот Христијан Мицкоски, ќе се одржат средби и со производителите и дистрибутерите и добавувачите.

Во меѓувреме, Државниот пазарен инспекторат ќе прави споредбена анализа помеѓу цените на ист производ на добавувачите кон маркетите и цените на маркетите за тој производ кон потрошувачите за мај годинава споредено со мај лани.






Целта, вели Мицкоски, е да се види што е тоа што креира состојба да имаме зголемени цени на основните прехранбени производи.

– Имавме состанок со претставници на најголемите синџири на маркети. Разговаравме за кризата којашто еве, полека но сигурно, барем како што стојат сега работите, завршува. Ги анализиравме ефектите од кризата и заеднички дефиниравме цели коишто треба заеднички да ги исполниме. Една од тие цели е во јули годишната стапка на промена на цените на основните прехранбени производи не биде поголема од 3%, односно да биде под 3%. Се согласивме сите. За ова да се реализира потребно е да направиме еден ваков ист состанок со производителите и дистрибутерите и добавувачите. Тоа ќе се случи во наредниот период и потоа сите заедно ќе седнеме на маса и сите заедно ќе бидеме општествено одговорни затоа што граѓаните мора да добијат најдобра услуга и најквалитетни производи по оптимално најниски цени – изјави Мицкоски.

Како Влада, дополни тој, остануваме да бидеме посветени во насока на изнаоѓање системски решенија со кои инфлацијата генерално на основните прехранбени производи ќе се движи на ниво од под 3%.

-Во мај беше 4, 5 до 4,7%, ако тоа се спореди со соседството, да речеме Грција е над 5%, Бугарија е над 6%, Романија е над 8%, истото е и со Косово, Хрватска и така натаму. Нешто помала од 3 и 4 е Србија и Албанија. Нашата цел е во јули да почнеме со под 3% годишна промена на цените на основните прехранбени производи и оваа задача си ја поставивме и ние како Влада, но и но и претставниците на најголемите синџири на маркети во Македонија – рече Мицкоски.

Анализирани се, информира премиерот, и потенцијални чекори од страна на Владата доколку не биде испочитувано договореното.

– Ги анализиравме сите објективни состојби коишто тие вчера ги кажаа. Анализираме и промена на одредени законски решенија во насока на поуспешна реализација на оваа цел или во иднина цели коишто ќе си ги поставиме. Тоа што е од страна на Владата ќе биде испорачано, останува тие тоа да го испорачаат – рече тој.

Мицкоски соопшти и дека  Државниот пазарен инспекторат ќе направи компаративна анализа помеѓу цените на еден ист производ, еден ист артикл на добавувачите кон маркетите и цените на маркетите за тој ист производ кон потрошувачите, граѓаните, за месец мај 2025-та споредено со месец мај 2026-та.

-Да видиме, што е тоа кое што тука креира состојба да имаме зголемени цени на основните прехранбени производиНашата цел е основните прехранбени производи, не е – тутунот и производите од тутун, алкохолните пијалаци или друг тип на акцизна роба. Зборуваме за основни прехранбени производи, тоа што им е неопходно на граѓаните – рече Мицкоски.

На прашањето дали се сомнева во злоупотреба кај цените од минатата година досега, тој одговори:

–  Не, јас сум човек којшто е следбеник на американската изрека „Верувај, но проверувај“.

Поврзани содржини