ЌЕ БИДАТ ЗАБРАНЕТИ НАД 160 ВЕБ-СТРАНИЦИ ЗА НЕЛЕГАЛНО КОЦКАЊЕ Стапуваат на сила измените на Законот за електронски комуникации
Државната лотарија ќе утврдува кои се нелегалните приредувачи на игри на среќа и ќе му испраќа информација на Министерството за дигитална трансформација, кое пак, ќе испраќа налог за забрана до Агенцијата за електронски комуникации, која ќе ги забранува преку телеком операторите.
Измените на Законот за електронски комуникации поминаа изминатата недела, потребни се 7 дена да стапат на сила и да се објават во Службен весник, а веднаш потоа, Министерството за дигитална трансформација е подготвено да ја донесе методологијата со којашто ќе се забранат нелегалните онлјан приредувачи на среќа, најави денеска од Штип, министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски кој присуствуваше на отварање на Центарот за за услуги „Една точка за услуги“.
Стефановски појасни дека постапката ќе биде по анализа на Државната лотарија, која ќе утврди кои се нелегалните приредувачи на игри на среќа и на министерството ќе испраќа нотификација, со табела на точната веб страница, којашто треба да се забрани.
– Ние, таа ја ажурираме, ја испраќаме како налог за забрана до Агенцијата за електронски комуникации, којашто ја забранува преку телеком операторите. Од испраќањето Агенцијата за електронски комуникации и телекомите имаат рок од 3 до 5 дена да постапат и тие веб страници ќе бидат забранети. Какошто кажав и при носењето на законот, оваа трка ќе биде постојана, нема само еднаш да го правиме тоа. Отприлика мислам дека темпото ќе биде 2 до 3 недели на почеток, што значи на две-три недели Државна лотарија ќе нè известува за нови веб страници, коишто се појавиле, а ние со налог ќе ги забрануваме, се до финалното завршување на процесот. Целта е да ги одвратиме граѓаните да се учесници во нелегалното приредување на игри на среќа онлајн – изјави Стефановски.
Министерот смета дека на тој начин ќе ги заштитат граѓаните од злоупотреба на нивните лични податоци, картички и сметки во банките.
– Ќе го заштитиме буџетот од излевање на средства, коишто би требало да се слеат, како даночна обврска кон буџетот на Македонија – рече Стефановски.
Пред да се донесат законските измени за електронски комуникации, во кои е опфатено нелегалното електронско коцкање, направени се анализи. Според Министерството за дигитална трансформација во тој период биле детектирани 160 веб страници на коишто нелегално се приредувале игри на среќа.
– Тоа значи дека во првиот бран ќе бидат повеќе од 160, но мислам дека и во секој нареден бран, како што Државната лотарија и други заинтересирани странки ќе забележуваат дека постојат нелегални приредувачи на онлајн игри на среќа, тие можат да нè информираат и ние веднаш ќе постапуваме – изјави Стефановски.