ДРАМА НА ЛЕТОТ ОД ЛОНДОН ЗА СОФИЈА Пијан Британец нападнал стјуардеса, авионот слетал во Задар
Против него е поднесен обвинителен акт, а Одделот за прекршоци при Општинскиот суд во Задар му изрече правосилна казна од 2.400 евра.
Капетан на авион на летот од Лондон за Софија бил принуден да го прекине летот и принудно да слета на задарскиот аеродром во понеделникот на 24 март. Причина за слетувањето било агресивното и недолично однесување на патник кој го нарушил јавниот ред и мир за време на летот и физички нападнал 31-годишна стјуардеса, пренесе хрватски Индекс.
По слетувањето, веднаш реагирале полицајци од поморската и аеродромската полициска станица Задар и привеле 28-годишен британски државјанин. Мажот бил видно под дејство на алкохол, а при постапката одбил алкотест.
Кривичната истрага утврдила дека осомничениот за време на летот на особено дрзок и груб начин викал, кревал врева и ја навредувал кабинската екипа, при што ги вознемирувал останатите патници. Дополнително, се вели во статијата, тој давал навредливи коментари на англиски јазик врз основа на разликите во бојата на кожата, со намера да создаде понижувачка и навредлива атмосфера.
Поради наведеното однесување, 28-годишникот ги прекршил одредбите од член 6 од Законот за прекршоци за јавен ред и член 25 од Законот за антидискриминација.
Против него е поднесен обвинителен акт, а Одделот за прекршоци при Општинскиот суд во Задар му изрече правосилна казна од 2.400 евра.
За инцидентот е известена и Хрватската агенција за цивилно воздухопловство, која ќе преземе мерки во нејзина надлежност. Во немилиот инцидент нема повредени.