📽️ СВЕЌИ, СОЛЗИ И ПЕСНИ ЗА НАЈГОЛЕМИОТ ЧАИРСКИ РОМАНТИЧАР Скопје во еден глас му кажа „благодарам“ на Владо Јаневски
Илјадници луѓе се собраа пред арената „Борис Трајковски“ да му кажат последно збогум на починатиот македонски пејач. Наместо говори, низ ноќта одекнуваа стиховите на човекот чии песни одбележаа генерации.
Под светлината на стотици запалени свеќи и со песните што ги знаеше цела Македонија, Скопје вчеравечер му оддаде последна почит на пејачот Владо Јаневски. Илјадници граѓани се собраа пред арената „Борис Трајковски“, каде со тишина, солзи и музика се простија од уметникот кој остави длабока трага во македонската поп-музика.
Платото пред арената беше исполнето со почитувачи, пријатели и љубители на неговата музика. Немаше долги обраќања. Немаше големи зборови.
Наместо тоа, вечерта ја исполнија неговите песни, кои присутните ги пееја во еден глас. Во рацете држеа свеќи, а во мислите спомени поврзани со музиката што со години беше дел од нивните животи.
View this post on Instagram
View this post on Instagram
Саундтрак на генерации
За многумина, Владо Јаневски не беше само пејач. Неговите песни станаа саундтрак на генерации. Ги следеа луѓето низ љубови, разделби, радости и тивки животни битки.
Токму затоа собирот пред арената беше многу повеќе од комеморација. Беше средба на луѓе обединети од истите спомени.
View this post on Instagram
Песни што станаа колективна меморија
Во текот на вечерта неколкупати одекна долг и искрен аплауз. Не како збогување со една кариера, туку како благодарност за десетиците песни што останаа дел од колективната меморија.
Јаневски ќе биде погребан денеска на Градските гробишта Бутел. Сите кои ќе сакаат да се збогуваат со Владо за последен пат, ќе можат тоа да го направат во капелата на Градските гробишта во Бутел во периодот од 10 до 11 часот. Погребот ќе следи веднаш потоа, на гробиштата во Бутел, објави „Авалон“.