📽️ ДРАМА ДО ПОСЛЕДНАТА СЕКУНДА, РОНАЛДО ГО ИСПРАТИ МОДРИЌ ДОМА Шпанија ја прегази Австрија, Швајцарија го елиминира Алжир

Португалија со гол во четвртата минута од судиското продолжение ја елиминира Хрватска (2:1), додека Шпанија со 3:0 ја совлада Австрија, а Швајцарија со 2:0 беше подобра од Алжир и избори место во осминафиналето.

0

Португалија избори место во осминафиналето на Светското првенство, откако со драматичен гол во четвртата минута од судиското продолжение ја совлада Хрватска со 2:1. Така заврши и веројатно последниот мундијалски дуел меѓу двете фудбалски легенди – Кристијано Роналдо и Лука Модриќ.

Натпреварот понуди вистинска драма – три гола, неколку поништени погодоци поради офсајд, погодени статива и пречка и пресврт во самиот финиш.






Во првото полувреме Португалците создадоа повеќе шанси, но не успеаја да ја пробијат хрватската одбрана, па на паузата се замина без голови.

Хрватска заигра многу подобро во вториот дел и поведе во 53 минута преку Иван Перишиќ. Неколку минути подоцна „коцкестите“ повторно ја затресоа мрежата, но погодокот беше поништен поради офсајд. Истата судбина ја доживеа и голот на Кристијано Роналдо.

Португалија израмни во 68 минута, кога по интервенција на ВАР беше досуден пенал. Роналдо беше сигурен од белата точка и ги врати Португалците во игра.

Во завршницата следуваше вистинска опсада на двата гола. Лука Сучиќ повторно ја затресе мрежата на Португалија, но и тој погодок беше поништен поради офсајд. Леао ја погоди пречката, а Ковачиќ ја затресе стативата на спротивната страна.

Клучниот момент се случи во 94 минута, кога Гонсало Рамош по центаршутот на Леао со удар со глава го комплетираше пресвртот за конечни 2:1.

Хрватска уште еднаш ја испрати топката во мрежата во последните секунди, но и тој погодок беше поништен поради недозволена позиција.

Во осминафиналето Португалија ќе игра против Шпанија, во еден од најатрактивните дуели во нокаут-фазата.

Шпанците претходно без многу проблеми ја совладаа Австрија со убедливи 3:0 и уште еднаш потврдија дека се меѓу главните фаворити за светската титула.

Микел Ојарзабал го отвори резултатот во 36 минута, Педро Поро зголеми на 2:0 во 66 минута, а Ојарзабал со својот втор погодок во 89 минута го постави конечниот резултат.

Пласман во осминафиналето обезбеди и Швајцарија, која со 2:0 беше подобра од Алжир.

Брил Емболо погоди уште во 10 минута, а Дан Ндоје ја потврди победата веднаш по почетокот на второто полувреме.

Швајцарците во следната рунда ќе играат против победникот од дуелот Колумбија – Гана.

Поврзани содржини