ДОЖД, СИЛЕН СЕВЕРЕН ВЕТЕР И СНЕГ НА ПЛАНИНИТЕ Пред нас е значително постудена седмица
Дождот на повисоките планини може да премине во снег, додека на повеќе места дневните температури ќе останат околу или под 15 степени.
Македонија влегува во значително постудена седмица, со пад на дневните температури, засилен северен ветер и нови врнежи. Најизразена промена се очекува од утре, вторник, 13. октомври, кога дождот на повисоките планини може да премине во снег, додека на повеќе места дневните температури ќе останат околу или под 15 степени.
Промената доаѓа по неколкудневниот период со релативно високи октомвриски температури и нестабилност што веќе донесе дожд во повеќе делови од земјата.
Според прогнозата на УХМР, денеска, понеделник, времето ќе остане променливо облачно, со локален дожд и северен ветер, додека утре, вторник се очекува поизразен пад на температурите и повеќе врнежи. Во делови од земјата локално може да наврнат над 15 литри дожд на квадратен метар.
На планинските подрачја над околу 1.500 метри врнежите може да преминуваат во снег, со услови за формирање снежна покривка. Истата прогноза предвидува засилен, локално силен северен ветер, со удари што на места може да надминат 60 километри на час.
Во Скопската котлина исто така се очекува посвежо време. Девните температури ќе се движат околу 20 степени, а потоа тие ќе се спуштаат кон 15 до 17 степени, со постудени утра и повремени врнежи. Сличен пад се очекува и во другите градови, иако температурите ќе се разликуваат во зависност од регионот и надморската височина.
Најмногу дожд изминатите 24 часа има наврнато во Тетово – 16 литри на метар квадратен и во Крива Паланка 13 литри на метар квадратен.
Според информациите од Управата за хидрометеоролошки работи, во Петровец кај Скопје има наврнато 11 литри на метар квадратен, на Зајчев Рид и Попова Шапка 9, во Прилеп, Крушево, Кавадарци, Демир Капија 7, Претор, Струмица, Пожаране 6, Велес, Виница, Гевгелија 5, Штип, Куманово и Маврови Анови 4 и во Ѓуриште 3 литри на метар квадратен.
Најладно утрово е на Попова Шапка каде се измерени 4 степени.