СОБРАНИЕТО ЌЕ РАСПРАВА ЗА НАСИЛСТВОТО ВРЗ ЖЕНИТЕ Итната седница ќе се одржи веднаш штом ќе стигне барањето на опозицијата
Во врска со законот за правична застапеност, за кој е потребно и Бадентерово мнозинство претседателот на Собранието, Африм Гаши рече дека се разговара со партиите на Албанците, се прават обиди за решение и дека законот ќе биде донесен.
До Собранието сè уште нема стасано барање за итна седница за насилството врз жените и семејното насилство, а законот за насилство поднесен на 26 август од страна на пратеници е испратен на мислење до Владата, изјави денеска претседателот на Собранието, Африм Гаши, по редовната средба со новинарите. Опозицијата предложи, а мнозинството прифати да се одржи итна седница за фемицидите во земјата.
– Сè уште немаме доставено такво барање до Кабинетот на претседателот или до службата на Собранието. Штом го добиеме тоа барање, веднаш ќе постапиме. Во однос на законот што е во собраниска процедура, испратено е мислење до Владата. Штом добиеме мислење од Владата, законот ќе го пуштиме во собраниска процедура – изјави Гаши.
Запрашан дали денеска на седницата за пратенички прашања ќе го потсети премиерот Христијан Мицкоски за Владата да даде мислење, Гаши рече дека ова е толку сензитивно прашање што секој од нив, носители на јавни функции, но и новинари и сите граѓани, сакаат тој закон што побргу да се донесе и да се намали насилството врз жените и воопшто да го нема ако може.
– Но тоа ќе биде борба, која ќе треба сите да ја извојуваме заедно – рече Гаши.
Националната стратегија за борба против корупцијата е ставена на дневен ред на 111. седница, на која е и предлог-законот за правична застапеност, а таа седница беше блокирана од опозоцијата.
– Повеќето од законите на кои предлагачи беа Владата и пратениците ги повлекоа и ги ставивме на друга седница. Јас ќе побарам в понеделник од координаторите да се согласиме заедно да свикаме продолжение на 111. седница и само таа точка да ја гласаме. Ако не успееме да се договoриме, тогаш ќе побараме од ДКСК да ја повлече стратегијата и веднаш да ја достави да ја ставиме на друга седница – изјави Гаши.
Во врска со законот за правична застапеност, за кој е потребно и Бадентерово мнозинство Гаши рече дека се разговара со партиите на Албанците, се прават обиди за решение и дека законот ќе биде донесен.
Што се однесува до пополнувањата на местата во Уставниот суд Гаши рече дека едно место е испразнето и треба да го пополни Собранието за што денеска Комисијата за прашања на изборите и именувањата ја предложи судијката од Гостивар, Теодора Ефтимовска Бојковска.
– Веќе е започната процедурата за изборот на тој уставен судија. Што се однесува до завршувањето на мандатот на двајца други уставни судии, се надевам дека штом ќе ги имаме предлозите ќе постапиме веднаш согласно Деловникот и дека навреме ќе ги пополниме – рече Гаши.