МПЦ-ОА ЌЕ ГИ ЕДУЦИРА СВЕШТЕНИЦИТЕ ДА ПРЕПОЗНААТ СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО Црквата ги осуди сите облици на насилство

Свештенството ќе се едуцира да даде соодветна поддршка на лицата погодени од насилство и благовремено да ги упати до надлежните специјализирани институции и стручни служби.

0

Светиот архијерејски синод (САС) на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ – ОА) најостро ги осудува сите облици на насилство, особено семејното, насилството врз жените, врсничкото и насилството во дигиталниот простор оценувајќи дека тие се неспојливи со христијанските и евангелските вредности и со почитувањето на човековото достоинство.

На редовната седница одржана денеска, Синодот разгледал повеќе прашања поврзани со црковниот живот, воспитно-образовните институции и општествените случувања во земјата, при што особено внимание посветил на сè поизразеното насилство, ширењето на нетрпеливоста и омразата во општеството.






– МПЦ – ОА со загриженост ги следи настаните поврзани со сè поизразеното насилство и ширењето на омразата во општеството. Во таа насока, МПЦ – ОА јасно и недвосмислено истакнува дека секој вид насилство, вербално и физичко, особено семејното, насилството врз жените, врсничкото и насилството во дигиталниот простор, вклучително и на социјалните мрежи, е апсолутно неприфатливо – се наведува во соопштението.

Во согласност со евангелската и пастирска мисија, МПЦ – ОА најостро го осудува гревот на убиството, фемицидот, како најсуров облик на насилство врз жените и како недозволиво посегнување по светоста на човечкиот живот.

– Како значаен општествен чинител, МПЦ – ОА ја афирмира и активно придонесува кон негувањето на културата на соживот, почитувањето на човековото достоинство, солидарноста и грижата за секој човек, без оглед на неговите политички, идеолошки и лични убедувања, социјалниот статус или верската или религиозна припадност, доследно почитувајќи го начелото за еднакво достоинство на секој човек – истакнуваат од Синодот.

МПЦ – ОА ги оценува како загрижувачки размерите на зголеменото насилство и ширењето на нетрпеливоста, гневот и омразата, поради што ја потврдува подготвеноста за соработка со надлежните државни институции, верските заедници, религиозните групи и другите релевантни организации, со цел заедничко дејствување во спречувањето и надминувањето на овие негативни општествени појави.

Синодот посочува дека свештенството и досега совесно и одговорно ја извршува својата пастирска служба, вклучително и во однос на предизвиците поврзани со разните облици на насилство.

– Истовремено, ја препознава потребата од континуирана едукација и соодветна обука на свештенството, со цел унапредување на неговите знаења и способности за навремено забележување и соодветно постапување во случаи на насилство, особено семејно и насилство врз жените, како и за давање соодветна поддршка на лицата погодени од насилство и нивно благовремено упатување до надлежните специјализирани институции и стручни служби – се додава во соопштението од САС на МПЦ-ОА

Поврзани содржини