ЧЕСТИТКИ ОД ЗАЕВ И МИЦКОСКИ ЗА ПРАЗНИКОТ Идеалот на револуционерите бил за создавање на сопствена држава – држава на слобода, правда, еднаквост, независност

Храброста и одлучноста на сите на кои денес им оддаваме почит имаше своја прва кулминација со Илинденското востание со што беше поставен најцврстиот темелник во основата на македонската државност, а нивната саможртва одекна надалеку меѓу народите во слободољубивиот свет.

224

Лидерите на двете најголеми политички партии во Македонија, претседателот на СДСМ, Зоран Заев и првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, преку социјалната мрежа Фејсбук упатија честитки по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба.

– Како припадници на денешните генерации, со гордост се сеќаваме на македонските револуционери и на прогресивната интелигенција, собрани околу Македонската револуционерна организација, која ја понесе борбата за вековниот идеал на македонскиот народ, за создавање на сопствена држава – држава на слобода, правда, еднаквост, независност – се вели во објавата на Заев.






Нашата борба, додава лидерот на СДСМ и премиер секогаш била само да се биде свој на своето – стремеж за држава на сите и за сите. Храброста и одлучноста на сите на кои денес им оддаваме почит имаше своја прва кулминација со Илинденското востание со што беше поставен најцврстиот темелник во основата на македонската државност, а нивната саможртва одекна надалеку меѓу народите во слободољубивиот свет.

– Континуитетот на македонската револуционерна борба не стивна и растеше сѐ до АСНОМ 1944 година, кога беше создадена македонската држава. Денес, во годината кога одбележуваме 80 години од народното востание и 30 години од независноста, со цивилизациското наследство кое ни го остави македонската револуционерна борба, ги отфрламе политиките на поделбите и водени од желба за подобар живот и благосостојба, ги повикуваме сите чесни и добронамерни граѓани без разлика на пол, вера, убедување и народност, да се обединиме околу создавањето на едно прогресивно и праведно општество за сите – напиша Заев.

Како што борбата на македонските револуционери секогаш беше свртена кон иднината, додава тој во својата објава, така и денес ја водиме нашата суверена држава во сегашност и иднина во силен сојуз со демократскиот и прогресивен свет потврден со членството во НАТО и со одлучни чекори за членство во Европската Унија.

– Нека е честит Денот на македонската револуционерна борба! – истакна Заев.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски упати честитка во негово лично име, но и во име на партијата.

– ВМРО ги опфатило сите напредни и прогресивни елементи во македонското општество, целата македонска интелигенција, стопанствениците и работливите македонски селани. Сите тие заедно ја почнаа борбата која резултираше со Илинден 1903, а кулминираше со Илинден 1944 – напиша претседателот на најголемата опозициска партија.

Тој додава дека ВМРО е симболот на Македонското единство. Под знамето за слобода се обединети сите, и Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, сите кои сакале слободна Македонија, да бидат свои на своето. Таа нивна мисла била многу напред во тоа време бидејќи се темелела на принципите на солидарност, еднаквост, правда, правичност.

– Нивната пожртвуваност тогаш е нашата слобода денес. Да го вреднуваме тоа, да не дозволиме нивната жртва да биде залудна. Имаме огромна мисија, да ја унапредуваме таа слобода и да ја негуваме солидарноста, еднаквоста и правдата. Економски да ја развиваме нашата земја, да рушиме бариери и ѕидови кои раздвојуваат. ВМРО обединувало. ВМРО му припаѓа на народот. Нека е за многу години Денот на Македонската револуционерна борба. Честит празник Македонијо – порача Мицкоски.

Поврзани содржини