БУГАРИЈА ЈАСНО ПОКАЖА КОЈ Е КОЧНИЧАР НА КОРИДОРОТ 8 Николоски ги алармираше банките – ќе куртули ли Македонија од плаќање пенали?
Имајќи предвид дека соседите донесоа одлука да ги пренасочат парите за изградба на пруга од Софија до Бургас, мислам дека јасно испраќаат политичка порака во однос на нивната посветеност, односно непосветеност, на изградбата на железничкиот Коридор 8, изјави Александар Николоски, министер за транспорт и врски.
„Со жалење ја примив вчерашната информација, којашто веќе е и официјален документ усвоен од бугарската Влада, со којшто Бугарија одлучи да ги повлече парите кои беа планирани за реконструкција на делот на пругата Софија-Ѓуешево, имајќи предвид дека пруга има, но таа е во очајна состојба и не може да се користи“.
Ова денеска го кажа министерот за транспорт и врски Александар Николоски, при посеата на Општина Ѓорче Петров заедно со премиерот Христијан Мицкоски и со министерот за локална самоуправа Златко Перински.
– Не треба само да се изгради тунелот и да се направи спојка со Ѓуешево, туку многу поважно е да се реконструира делот од Ѓуешево до Софија. Имајќи предвид дека соседите донесоа одлука да ги пренасочат парите за изградба на пруга од Софија до Бургас, мислам дека јасно испраќаат политичка порака во однос на нивната посветеност, односно непосветеност, на изградбата на железничкиот Коридор 8. Исто така, паѓа во вода цела пропаганда којашто беше водена во изминатите 7 месеци против македонската Влада, првенствено против премиерот Мицкоски и против мене, дека наводно имаме нешто лично против Бугарија и дека не сакаме да се поврзуваме. На крајот, вистината излезе на виделина – изјави Николоски.
Тој соопшти дека утрово испратил писма до европската делегација, европската транспортна заедница и до двете банки – Европската инвестициска банка и Европската банка за обнова и развој.
– Македонија има потпишани договори за кредит токму за Коридорот 8 во висина од 350 милиони евра и за истите доколку не се користат, ќе треба да плаќа резервација. А во овој случај, користењето нема да се паузира поради нас, туку поради соседната држава. Затоа, на овој начин ќе се обидеме да го заштитиме финансискиот интерес на државата – рече Николоски.