Британскиот сој слободно лета на релација Лондон-Скопје, никој не ги контролира патниците на скопскиот аеродром
Наш сограѓанин кој во неделата авионски отпатува од Скопје во Лондон, објаснува дека таму ќе се задржи околу 7 дена и дека веќе има резервирано лет за дома. Но, како што вели, кога се распрашувал за процедурата за патување, никој не му спомнал дали треба да оди во задолжителен карантин по враќањето од Англија.
Во сабота наутро, точно во 6:20 часот, група македонски граѓани од Скопје ќе се качат во авион на компанијата „Wizzair“ на скопскиот аеродром и ќе полетаат за Лондон, Велика Британија. Така барем е најавено на официјалната веб-страница на оваа компанија, секако, доколку во меѓувреме Комисијата за заразни болести не издаде препорака за укинување на летовите кон Островот, како што еднаш тоа веќе го стори во декември минатата година поради појавата на британската мутација на коронавирусот.
Тогаш забраната беше донесена на 21 декември и траеше до 31 декември, а од почетокот на 2021 година, кога одекна информацијата дека новиот британски сој е многу поопасен од обичниот и дека масовно се шири низ светот, летовите од Скопје кон Лондон и од Лондон кон Скопје непречено и редовно се одвиваат.
Плусинфо дознава дека на лицата коишто сакаат да отпатуваат со авион во Велика Британија, потребен им е негативен ПЦР тест не постар од 72 часа, но од нив не се бара задолжителен карантин или задолжителен ПЦР тест кога повторно ќе се вратат во земјава.
Наш сограѓанин кој во неделата авионски отпатува од Скопје во Лондон, објаснува дека таму ќе се задржи околу 7 дена и дека веќе има резервирано лет за дома. Но, како што вели, кога се распрашувал за процедурата за патување, никој не му спомнал дека треба да оди во задолжителен карантин по враќањето од Англија.
– Јас не сум од Скопје, туку од град во централна Македонија. Неколку часа пред летот за Лондон јас со својот автомобил пристигнав во главниот град и возилото го оставив кај мои пријатели. Тоа значи дека ќе треба да си го земам автомобилот кога ќе се вратам, односно ќе треба повторно да се сретнам со мојот пријател и со неговата фамилија. Таков ми е планот, бидејќи никој не ме информираше дали треба да одам во задолжителен карантин откако ќе слетам од Англија во Македонија. Нормално дека нема да се противам на такво нешто. Но, дури и да не ми бараат задолжителен ПЦР тест на враќање, јас самиот ќе си платам и ќе се тестирам. Свесен сум колку е сериозна состојбата со коронавирусот, особено во Велика Британија, па затоа максимално се придржувам до мерките за заштита – раскажува нашиот соговорник.
Информација за евентуално повторно укинување на летовите побаравме од Министерството за здравство, но оттаму се оградуват и топката ја префрлаат кај Комисијата за заразни болести.
– Комисијата за заразни болести ја следи состојбата со коронавирусот во земјата и во регионот и врз основа на истата дава предлог за понатамошно постапување со цел зачувување на колективното здравје на граѓаните. Доколку Комисијата процени дека има потреба за било какви понатамошни измени во веќе поставените протоколи и препораки, истите ќе ги спроведе. За сите дејствија јавноста е навремено и целосно информирана – велат од Министерството за здравство.
И по неколку обиди не успеавме да стапиме во контакт со Комисијата за заразни болести, но разговаравме со поранешниот член на оваа Комисија, д-р Арбен Зибери, кој вели дека засега нема потреба од укинување на летовите кон Велика Британија.
Засега нема потреба од таква рестрикција, бидејќи имаме повеќе информации околу новата форма на коронавирусот.
– Ние делуваме во зависност од информациите што ќе ги добиеме од институциите во Велика Британија и од препораките на Светската здравствена организација (СЗО). Кога во декември минатата година ги забранивме летовите кон Велика Британија, тогаш сите земји го сторија истото. Тоа беше препорака на СЗО, но во моментов веројатно сметаат дека сè е под контрола и сигурно се направени повеќе испитувања околу новата мутација на вирусот. Засега нема потреба од таква рестрикција, бидејќи имаме повеќе информации околу новата форма на коронавирусот – истакна Зибери.
На прашањето дали патниците коишто ќе пристигнат на скопскиот аеродром од Велика Британија треба да одат во задолжителен карантин или да направат ПЦР тест, тој вели дека не е доволно информиран за да може да даде одговор.
– Не сум информиран за оваа проблематика, бидејќи јас не сум веќе член на Комисијата за заразни болести. Но, мислам дека нема одлука за задолжителен карантин, но не сум сигурен – вели Зибери.
Епидемиологот Александар Стојанов, доскорешниот директор на Центарот за јавно здравје, пак, во разговор со Плусинфо ги советува лицата коишто авионски пристигнуваат од Лондон во Скопје да направат брз тест за коронавирус или да се стават во карантин.
– Европа ги затвора границите, но не ги затвора внатрешните граници, односно за земјите членки на Унијата. На пример, влезот во Грција не е дозволен за нас, а дозволен е за жителите на ЕУ. Мое мислење е дека нема голем бериќет од затворањето на границите. Почитувањето на мерките и вакцинацијата се единствениот спас. Кога станува збор за авионските летови од Лондон до Скопје и обратно, убаво би било патниците коишто пристигнуваат во земјава да направат брз тест за ковид-19 или да се стават во карантин – вели Стојанов.
Русија завчера ја продолжи забраната на летовите со Велика Британија до 17 февруари поради ширењето на новиот вид на коронавирус откриен во таа земја. Русија, која веќе потврди случај на мутираниот коронавирус, за првпат ја воведе забраната на летови со Британија на 22 декември минатата година.