📽️ БРАЈАН КРЕНСТОН СКРШЕН ПО СМРТТА НА МЛАДИОТ АКТЕР „Ќе ми недостигаш, сине“
Брајан Кренстон, филмскиот татко на младата ѕвезда на „Breaking Bad“ Р. Џ. Мите, откри дека само неколку недели пред трагичната вест за неговата смрт си разменувале пораки и договарале средба за ручек. Мите живееше со церебрална парализа и стана гласен застапник за правата на лицата со попреченост.
Брајан Кренстон, кој во култната серија „Breaking Bad“ го играше Волтер Вајт, е длабоко потресен од смртта на својот млад колега Р. Џ. Мите. Актерот, кој го толкуваше неговиот син Волтер Вајт Јуниор, почина на 34-годишна возраст, а веста предизвика тага меѓу колегите и обожавателите на серијата.
– Во длаб очај го пишувам ова вечерва. Почина Р. Џ. Мите, мојот мил син од серијата „Breaking Bad“ – напиша Кренстон во својата порака.
Тој се присети дека го запознал Мите кога имал само 14 години и бил избран за улогата на Волтер Вајт Јуниор. Според Кренстон, момчето уште од почетокот пристапувало кон работата со радост и ентузијазам, а со текот на годините израснало во одличен актер.
Кренстон особено ја истакна решителноста на Мите, кој живееше со церебрална парализа и покрај тоа се соочуваше со напорниот распоред на снимањата. Актерот подоцна го искористи своето искуство од серијата за да се залага за поголема застапеност на лицата со попреченост во филмската и телевизиската индустрија.
– Особено е поразително да се слушне дека си го одзел животот. Зошто? Си пишувавме пораки пред само неколку недели и се договаравме кога да се видиме на ручек. Не знам дали тој ручек ќе можеше да ја промени неговата иднина. Но знам дека го сакав и дека уживав во времето поминато со него за време на серијата и по завршувањето на ’Breaking Bad’. Ќе ми недостигаш, сине – напиша Кренстон.
View this post on Instagram
Се огласи и Дин Норис, кој во серијата го играше агентот на ДЕА, Хенк Шрејдер. Тој напиша дека е скршен од веста и се присети дека секогаш се грижел за Мите додека бил млад актер на снимањето.
– Беше прекрасно момче и многу ќе ни недостига. Ова е толку болно, не можам да поверувам. Мислите ми се со него и со неговото семејство – порача Норис.
Р. Џ. Мите, чие целосно име е Рој Френк Мите, е роден на 21 август 1992 година во Џексон, Мисисипи. Церебралната парализа му била дијагностицирана кога имал три години. Тој имаше поблага форма на состојбата, па за разлика од ликот што го играше во серијата, во секојдневниот живот можеше да оди без помагала, а неговиот говор беше многу појасен.
Мите започна да глуми во „Breaking Bad“ на само 14 години и се појави во 56 од вкупно 62 епизоди на серијата, емитувана од 2008 до 2013 година. Освен по оваа улога, беше познат и по настапите во сериите „Switched at Birth“ и „The Guardians of Justice“, како и во филмовите „The Oak Room“, „Standing Up for Sunny“ и „Triumph“.
Неговото искуство со церебралната парализа не беше само дел од неговиот живот, туку и важен дел од неговата јавна работа. Мите беше амбасадор на организациите United Cerebral Palsy и Shriners Children’s, а ја предводеше и фондацијата „The Mitte Foundation“. Се залагаше актерите со попреченост да добиваат повеќе можности и да можат да конкурираат и за улоги на ликови кои немаат попреченост.
Во интервју во 2024 година, тој раскажа дека церебралната парализа најмногу влијае врз неговите моторни способности, особено на левата страна од телото. Со текот на годините поминал низ работна, говорна и физикална терапија и научил како најдобро да живее со својата состојба.
Мите и неговиот лик во серијата имаа иста дијагноза, но актерот повеќепати нагласувал дека искуството на секој човек со церебрална парализа е различно. Неговата улога помогна да се отвори разговор за попреченоста на телевизија, а тој продолжи да се залага за поавтентично прикажување на луѓето со различни способности.
Непосредно пред смртта, Мите го промовираше филмот „Talking to Strangers“, во кој игра лик со церебрална парализа.
Во едно од последните интервјуа зборуваше и за можноста за продолжение на „Breaking Bad“, откривајќи дека му предложил на творецот на серијата, Винс Гилиган, идеи за помрачна приказна во која неговиот лик би барал одмазда по смртта на татко му.
Во приватниот живот, Р. Џ. Мите ја најде својата животна партнерка во Кенеди Суарез, со која беше во долгогодишна врска. Во октомври 2025 година, актерот ја запроси на нејзиниот 30. роденден, а веста за свршувачката ја сподели со списанието „Пипл“. Мите тогаш изјави дека е пресреќен што ја пронашол жената со која сака да го дели животот.