ИНФАНТИНО ИМАЛ ТАЕН МИЛИОНСКИ ПРИХОД, ФИФА МОЛЧИ Дел од парите се поврзани со престој во вила во Мајами
Британскиот весник тврди дека претседателот на ФИФА добивал дополнителни исплати преку компанија задолжена за Светското првенство. Дел од парите биле поврзани со трошоци за престој во ексклузивна населба во Мајами Бич.
Претседателот на Светската фудбалска федерација (ФИФА), Џани Инфантино, во 2024 година добил дополнителни 1,76 милиони долари кои не биле прикажани во годишните финансиски извештаи на организацијата.
Ова го открива истрага на британскиот весник „Тајмс“. Весникот тврди дека дел од парите биле поврзани со луксузен престој на Инфантино во Мајами.
Според весникот, Инфантино имал два извора на приходи. Едниот бил неговата официјална плата во ФИФА, а другиот доаѓал од компанија основана за организација на Светското првенство во 2026 година.
ФИФА од 2016 година има обврска јавно да ги објавува примањата на својот претседател и генералниот секретар.
Во финансискиот извештај за 2024 година, заработката на Инфантино била наведена на 4,274 милиони швајцарски франци, односно приближно 4,6 милиони евра.
Меѓутоа, американските даночни документи на компанијата „FWC2026 US Inc“ откриваат дополнителни исплати од 1,76 милиони долари, односно околу 1,5 милиони евра.
Станува збор за компанија задолжена за организациските активности поврзани со Мундијалот во Соединетите Американски Држави.
Тие примања, според „Тајмс“, не биле наведени во јавните финансиски извештаи на ФИФА.
Особено внимание привлекува износот од 626.229 долари, евидентиран во даночните документи како „други пријавени надоместоци“.
Британскиот весник наведува дека дел од овие средства биле искористени за покривање трошоци за изнајмување луксузна вила во Мајами Бич.
Вилата се наоѓа во Сансет Ајлендс, ексклузивна населба распослана на четири вештачки острови, со ограничен пристап и строго обезбедување.
ФИФА не потврдила, но ниту демантирала дека на тој начин бил финансиран престојот на Инфантино.
Организацијата не понудила ниту објаснување зошто дополнителните исплати не биле вклучени во нејзиниот годишен финансиски извештај.
Поранешниот претседател на Комитетот за управување на ФИФА, Мигел Мадуро, оценил дека евентуалното прикривање вакви приходи би претставувало прекршување на правилата.
– Тоа е јасно кршење на правилата ако добива дополнителни исплати од компании поврзани со ФИФА, а тие не се откријат. Статутите на ФИФА бараат целосна транспарентност – изјави Мадуро, повикувајќи на истрага.
Извори на „Тајмс“ тврдат дека Инфантино можеби добивал слични, па дури и поголеми дополнителни износи во 2025 и 2026 година.
Инфантино планира повторно да се кандидира за претседател на ФИФА. Изборите се закажани за 18 март 2027 година во Рабат во Мароко.