БЛАДОДАРНОСТ И ДЛАБОКА ПОЧИТ ЗА ЗАГИНАТИТЕ БРАНИТЕЛИ КАЈ КАРПАЛАК Одбележана 25-годишнината од загинувањето на прилепските резервисти
8 август е ден кога Македонија се сеќава на 10-те своите синови кои, исполнувајќи ја својата должност кон татковината, ги положија своите животи, објави премиерот Христијан Мицкоски.
Постојат датуми кои не се само дел од календарот, туку остануваат засекогаш врежани во колективната меморија на еден народ, 8 август е еден од тие датуми – ден кога Македонија се сеќава на своите синови кои, исполнувајќи ја својата должност кон татковината, ги положија своите животи, објави премиерот Христијан Мицкоски на Фејсбук по повод 25 годишнината од загинувањето на десетмината прилепски бранители од резервниот состав на македонската Армија, кои во 2001 година ги загубија животите кај месноста Карпалак.
Мицкоски нагласи дека 25 години подоцна времето не ја избришало болката, ниту ја намалило нашата почит.
„Напротив, секоја година нè потсетува дека мирот, слободата и татковината имаат вредност која мора да ја чуваме одговорно и достоинствено. Карпалак е наша заедничка рана, но и наша обврска да паметиме“, истакна премиерот.
Тој нагласи дека не треба да дозволиме имињата и жртвата на загинатите да бидат заборавени.
„Да не дозволиме имињата и жртвата на загинатите да бидат заборавени. Да градиме држава во која почитта кон оние што ја исполниле својата должност кон Македонија ќе биде над времето, политиката и поделбите. Пред нивниот спомен се поклонуваме со благодарност и длабока почит. Нека е вечен споменот за хероите од Карпалак. Вечна им слава“, објави Мицкоски.
Делегација на Владата на Република Македонија денеска на Карпалак оддаде почит на десеттемина македонски бранители и положи цвеќе на местото каде загинаа во заседа.
„Нивната жртва е вградена во темелите на нашата држава. Тие застанаа во нејзина одбрана тогаш кога беше најтешко и за Македонија го дадоа најскапоценото што човек може да го даде – сопствениот живот.
Карпалак не е само место на нашата колективна болка. Карпалак е место на кое се потсетуваме што значат храброста, должноста, честа и љубовта кон татковината. Наша обврска е нивните имиња да ги чуваме од заборав, нивната жртва да ја почитуваме, а на идните генерации да им ја пренесеме вистината за луѓето кои застанаа во одбрана на Македонија. По повод 25-годишнината од нивното загинување, пред нивната жртва денеска се поклонуваме со длабока почит и благодарност. Вечна слава на хероите од Карпалак. Никогаш заборавени.
Да живее Македонија“, објави министерот за спорт Борко Ристовски.
Свежо цвеќе на местото на заседата положија и делегации од партиите СДСМ и Левица.
Десет прилепски бранители од резервниот состав на АРМ, од касарната „Мирче Ацев на 8 август 2001 година беа убиени во заседа во раните утрински часови од страна на тогашната Ослободителна народна армија.
Тројца беа ранети кога конвојот од хермелин, два автобуса, камион и комбе одел кон Тетово. Врз конвојот беше отворен жесток оган, а извлекувањето траеше со часови.