АПЕЛ ДО УЖАЛЕНИТЕ ГРАЃАНИ ДА ОСТАНАТ НАДВОР ОД ГРОБИШТАТА ВО КОЧАНИ Најблиските во тишина и во плач да си ги испратат чедата, апелира Ангелов
По завршувањето на погребната церемонија, но и во следните денови, сите ужалени граѓани, постепено, еден по еден, ќе можат да отидат до вечните почивалишта на настраданите, да се помолат за нивните души, да положат цвеќе, да запалат свеќа, порача утринава директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов.
Натажени и ожалостени граѓани. Целата македонска јавност е тажна и сочувствува со семејствата на 59-те настрадани лица во ужасниот пожар во Кочани. Но, тагата и болката на родителите, браќата и сестрите, роднините и другарите на настраданите е најголема, порача утринава директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов.
„Затоа, Ве молам, денес да ги оставиме унесреќените родители, за последен пат, во тишина и плач, да си ги видат своите настрадани чеда. Да им оддадат почит, да постојат до нив пред да бидат положени во гроб. Да го оставиме Синодот на МПЦ предводен од Неговото Блаженство г.г. Стефан, поглавар на МПЦ ОА на гробиштата во Кочани, како и свештениците во другите градови и села, непречено да ја одржат погребната церемонија“, апелира Ангелов.
Сите ние сме тажни и сочувствуваме со семејствата на настраданите, додава тој.
„Но, ги замолувам граѓаните кои денес во Кочани ќе оддадат почит на настраданите, да не ја попречуваат погребната церемонија. Невозможно е, нехумано и непотребно, сите во исто време да пријдат околу телата на починатите. На родителите им треба утеха од најблиските кои претходно ќе влезат со нив“, вели Ангелов.
Поради конфигурацијата на теренот на градските гробишта во Кочани невозможно е безбедно влегување на поголем број на луѓе внатре во гробиштата, објаснува тој.
„На влезната капија на гробиштата ќе стојат свештеници од Кочани кои ќе ги пропуштат родителите со нивните најблиски. Ги замолувам останатите ужалени граѓани, да останат надвор од портите на гробиштата. Достоинствено, без туркање и загрозување на својата и безбедноста на присутните да оддадат почит на настраданите. По завршувањето на погребната церемонија, но и следните денови, сите ужалени граѓани, постепено, еден по еден, ќе можат да отидат до вечните почивалишта на настраданите, да се помолат за нивните души, да положат цвеќе, да запалат свеќа. Денес, да ги оставиме најблиските, за последен пат, во тишина и плач, да си ги видат своите настрадани чеда“, апелира Ангелов.
Околу местата на погребите ќе бидат распоредени поголем број на лекарски тимови и вода за пиење, додава тој.
„Упатувам најдлабоко сочувство до сите семејства кои ги загубија своите чеда. Бог да ги прости починатите. Нека им дава сила на нивните семејства“, вели директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов.