ЈАНЕВСКА ГИ СМИРУВА НАСТАВНИЦИТЕ Никој нема да биде избркан од работа поради оптимизацијата

Министерката за образование вели дека нема да има присилни отпуштања, иако бројот на ученици континуирано опаѓа, а дел од училиштата остануваат со само неколку ученици.

0

Министерката за образование и наука Весна Јаневска уверува дека оптимизацијата на училишната мрежа нема да се спроведува со отпуштања на наставници, нагласувајќи дека никој нема насилно да биде избркан од работа.

Одговарајќи на пратеничко прашање во Собранието дали со процесот на оптимизација дел од наставниците ќе останат без работни места, Јаневска рече дека стравувањата кај наставниот кадар се неосновани.






– Наставниците не треба да се плашат. Никој нема насилно да ги избрка од работа, тоа е лага – изјави Јаневска.

Таа посочи дека во последните дваесетина години бројот на ученици е намален за 28 проценти, а само во последните седум години државата изгубила околу 17.000 ученици.

Во истиот период, според неа, бројот на наставници е зголемен за 46 проценти, што го нотирале и релевантни меѓународни институции.

– Како резултат на тоа, односот од 18 ученици по наставник се намали на 11,4 ученици по наставник. Тоа доведе до вишок наставен кадар од околу 13 проценти. Иако сметам дека во ниедна земја доктор и наставник не можат да бидат вишок, проблемот е што имаме училишта со три или пет ученици. Не станува збор само за трошоците, туку и за тоа што тие деца остануваат изолирани и несоцијализирани и постигнуваат послаби резултати на тестирањата – рече министерката.

Јаневска додаде дека дел од наставниците добиле можност за преквалификација во кариерни советници или образовни асистенти, со цел да останат во образовниот систем.

Таа потврди дека до училиштата е испратен допис за бројот на запишани првачиња, со цел да се подготват планови за формирање паралелки и да се направи анализа на состојбите.

– Оптимизацијата нема да се прави насилно. Училиштата се под надлежност на општините и градоначалниците. Никој нема присилно да остане без работа, но мора да почнеме да го решаваме проблемот кој ќе станува сè поголем – рече Јаневска.

Според неа, дури 124 училишта веќе престанале да функционираат по природен пат поради недостаток на ученици.

Поврзани содржини