АМЕРИКАНСКИТЕ АВИОНИ-ТАНКЕРИ СЕ ПОВЛЕКОА ОД БУГАРИЈА Иран претходно ги прогласи за летгитимна воена цел
По информациите дека Иран разгледувал можни напади врз американски воени цели во Југоисточна Европа, Бугарија ги засили безбедносните мерки во базата Безмер.
Два американски авиони-цистерни ја напуштиле бугарската воздухопловна база Безмер, речиси еден месец откако нивното распоредување во Бугарија предизвика остри реакции од Иран.
Информацијата ја потврдил бугарскиот министер за одбрана Атанас Стојанов. Американските авиони биле привремено распоредени во Бугарија на барање на САД, врз основа на договорот со кој се регулира заедничкото користење на воените објекти.
Распоредувањето на авионите предизвика реакција од Техеран. Иран тогаш предупреди дека нивното присуство во Бугарија би можело да претставува учество во, како што го нарече, „агресија и воени злосторства“.
Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаеи, порача дека бугарските власти ќе мора да преземат одговорност за одлуката да ги сместат американските авиони за дополнување гориво во воздух во своите воени бази.
По информациите дека Иран разгледувал можни напади врз американски воени цели во Југоисточна Европа, Бугарија ги засили безбедносните мерки во базата Безмер.
Според извештај на „Фајненшл тајмс“, повикувајќи се на два извора блиски до иранскиот режим, иранските сили проценувале можност за напад врз американски воени објекти во Југоисточна Европа доколку американскиот претседател Доналд Трамп дополнително го ескалира конфликтот со Иран.
Распоредувањето на американските авиони беше одобрено од бугарскиот парламент на 22 јули. Одлуката предизвика и протести на жители од околните населени места, кои стравуваа дека базата и авионите би можеле да бидат цел на ирански ракети или беспилотни летала.
Бугарскиот министер за одбрана изјави дека летовите на американските авиони за време на нивното привремено распоредување биле дел од обука над територијата на сојузнички земји.
– Немаме информации за директни закани за националната безбедност на Бугарија – рече Стојанов.
Тој додаде дека бугарските власти биле во постојана координација со американската влада.
– Работиме во целосна координација со американската влада и имавме претходни информации, поради што сите наши одлуки беа засновани на информации – изјави бугарскиот министер.