АЛИУ НЕ ОТКРИВА ДАЛИ ЌЕ ОСТАНЕ МИНИСТЕР Вели дека не е здраво со години да е на политичка функција

Во врска со најавената реконструкција на Владата, министерот за здравство Азир Алиу рече дека неговиот политички ангажман не е поврзан со функцијата што ја извршува, туку со желбата да придонесе за промени во општеството.

290

Министерот за здравство Азир Алиу не открива дали и во кој ресор ќе ја продолжи својата политичка кариера, во врска со најавената реконструкција на Владата и промена на ресорите помеѓу владините коалициски партнери.

Одговарајќи на новинарско прашање Алиу рече дека неговиот политички ангажман не е поврзан со функцијата што ја извршува, туку со желбата да придонесе за промени во општеството.






– Јас не сум ја почнал мојата кариера со политичка функција и не верувам дека ќе ја завршам со политичка функција, бидејќи тоа не е здраво прво за мене, ни за политичката инфраструктура во земјата да имате човек којшто со години ќе биде на политичка функција. Тоа не е здраво – рече Алиу.

За него, рече, се поважни резултатите што некој со својата работа ќе ги остави, како оние што биле постигнати додека беше на чело на Министерството за информатичко општетсво и администрација.

Алиу рече дека секој ден работи како да му е последен ден на работа, а дали ќе остане министер, според него, треба да одговорат институциите.

– Ова е институционално прашање. Не е лично прашање, бидејќи јас не аплицирав, немаше конкурс за да аплицирам да станам министер, туку ова е политичка функција – рече Алиу.

Министерот рече дека ќе продолжи да работи во интерес на граѓаните.

– Дали мојот придонес ќе биде како министер, како експерт или како професор – не знам. Но, имам обврска кон луѓето кои веруваат во мене дека нема да застанам тука, без разлика дали сум или не сум министер за здравство – изјави Алиу.

Поврзани содржини